Министерството за транспорт информира дека во координација со Европската Комисија се работи на трајно решение во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната, како и дека ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде решение за проблемот.
-Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи. Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем – велат од Министерството за транспорт.
Дијалогот со Европската Комисија, како што нагласуваат, е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија.
-Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот. Особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение – се вели во соопштението од Министерството за транспорт.


































