Фото: Министерство за правда

Надзорот спроведен од Министерството за правда покажа алармантни податоци: пополнетост на судиски места од 67 проценти (432 од 636) и судска служба со само 36 проценти пополнетост, што директно влијае врз ефикасноста и должината на судските постапки, соопштил министерот за правда Игор Филков на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, нагласувајќи дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.

-Токму овие констатации се основа за преземање конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот – нагласил Филков на состанокот на кој присуствувале претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава,судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ,  меѓународни и домашни организации и донаторската заедница.

Како што соопшти Министерството за правда, Филков посочил дека иако се предвидуваат суштински промени во делот на прописите, најважен останува човечкиот фактор.

-Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите – рекол во своето обраќање министерот за правда.

Паралелно, се додава во соопштението, Министерството за правда во изминатиот период подготви над 20 закони, во транспарентен и инклузивен процес:  13 закони се веќе во владина процедура, Законот за Судскиот совет е во Собрание и го помина првото читање.

-Продолжува спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и Реформската агенда 2024–2027, за кои е формиран Совет за следење на реформите. Процесот е поддржан од Европската Унија, што претставува јасен сигнал за доверба и напредок кон членство во ЕУ – се наведува во соопштението на Министерството за правда.