Во 2024 година платата на редовен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) ќе се покачи за 49 проценти во однос на 2022 година. Една година потоа, во 2025., за 75 проценти во однос на 2022 година, објаснува проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.
-Ова е пресметка со сегашната минимална плата како основица, а бидејќи ќе се качува минималната плата и порастот ќе биде поголем – додава ректорот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својство на овластено лице од основачот на Универзитетот, и претседателот на Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, вчера потпишаа колективен поединечен договор. Со него се уредуваат поблиску правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои произлегуваат од работниот однос, обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите прашања од интерес на работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.
Со оглед на тоа што високото образование е една од најважните продуктивни сили во општеството, вели ректорот Јанкуловски, сите сме свесни дека за да можеме да функционираме на повисоко ниво, здравствено и социјално, потребно е да произведеме и висококвалитетен кадар.
-За да имаме добри резултати на секое поле, мораме и да вложуваме постојано во него. Потпишувањето на Колективниот договор на Синдикатот на УКИМ и Собранието на е многу значајно за нас, од причина што универзитетските професори досега се чувствуваа запоставено. Се надевам дека нивните барања на овој начин се исполнети и тие ќе бидат поттикнати и мотивирани да го дадат својот максимум во образовниот процес. Новиот Колективен договор ќе придонесе кон подигање на стандардот на универзитетските професори и иако сме сè уште далеку од израмнување на нашите плати со оние во соседните држави, ова е еден голем чекор напред и ќе се стремиме кон тоа да се избориме за уште подобар стандард и подобри услови. Морам да напоменам дека секое зголемување на платите на универзитетските професори ќе има голем удел и во подобрувањето на идното рангирање на Универзитетот и во поглед на натамошни објавувања на трудови со импакт-фактор, кое сега не се случува многу често, токму поради недоволно финансиски средства. Му честитам на Синдикатот на УКИМ и се надевам дека во иднина ќе оствариме уште поголеми успеси – вели проф. д-р Јанкуловски. Н.Б.З.