Фото: Принтскрин

Бугарскиот историчар Димитар Атанасов смета дека односите меѓу Македонија и Бугарија во моментов се на дното, а нивното влошување го лоцира во почетокот на иницијативите за отворање на т.н. културни клубови – провокација која ја започнала бугарската, а на неа се надоврзала македонската страна. Тој е дел од учесниците на завршната конференција на тема „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ во организација на Центарот за европски стратегии „Евротинк“. Атанасов своите ставови ги сподели во изјава за новинарите во пресрет на настанот.

-Со жалење ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна дојде таа кампања на провокации. Македонија одговори, што исто така не е во ред. Односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи дали ќе започнеме да ги подобруваме – рече Атанасов.

Тој посочи дека и од двете страни на границата постојат политички субјекти – партии и институции во чиј интерес е односите да стануваат сè полоши, споменувајќи ги во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ во земјава и ВМРО-БНД, во Бугарија, со таа разлика што партијата во земјава е претендент за власт, додека бугарската со истиот предзнак е маргинална партија, но која и покрај тоа придонесува за влошување на односите.

-Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со предзнакот ВМРО. Од една страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и една од нејзините основни карактеристики е етнонационализмот. Во бугарскиот случај независно од тоа што партијата ВМРО веќе е маргинална и не е сигурно дали ќе влезе во парламентот во моментот не престануваат да ги влошуваат односите – вели бугарскиот историчар.

Она што тој со жалење го истакнува е што на чело на ваквата кампања во последно време застанал бугарскиот претседател Румен Радев, истовремено констатирајќи дека и од двете страни на планината Осогово, како што вели, има што да се направи и оти се надева дека двете страни ќе покажат зрелост и капацитет за промена на нештата.

Одговарајќи на прашање околу тоа чија вина е поголема за ваквата ситуација, Атанасов вели дека тоа е тешко да се каже и нагласува дека во моментов можеби тоа и не е главното прашање, туку она дека најпосле треба почнеме да признаваме грешки.

-Јас можам да кажам дека вината од страна на Бугарија е поголема и тоа за мене не е проблем. Прашањето од друга страна е како тоа ќе биде употребено затоа што го има и тој момент. Во ситуација во која едната страна вели дека е повиновна, а другата ќе каже „аха и ние тоа го тврдиме, вашата вина е поголема, вие сте виновни“. Не! И ние и вие, и заради тоа треба да почнеме да зборуваме за тие прашања. Во однос на клубот „Ванчо Михајлов“ таму (на неговото отворање) беа и поранешни бугарски политичари, таму беше и водачот на бугарската ВМРО во какво својство е многу големо прашање. Беше и потпретседателот на Бугарија, претставник на бугарската институција која очигледно го заштитуваше тој интерес што го кажав, односно конфликтот да биде потпалуван и тоа да биде непрекинато интензивирано со цел неговото управување да води до изборни и бизнис-корист за одредени кругови – вели историчарот.

На прашањето дали Бугарија треба да дозволи земјава да преговара со Европската Унија и без внесување на Бугарите во Уставот, и тоа евентуално да се бара подоцна, бугарскиот историчар вели дека тука неговото мислење е спротивно од она на официјална Софија. Имено, тој смета дека впишувањето на Бугарите во Уставот на земјава е апсолутно бесмислено.

-И со и без тоа Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Кога ќе погледнеме историски тие луѓе чии мисли ние ги читаме – Гоце (Делчев), Даме (Груев) тие сакале на Осоговската Планина да нема граница, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно затоа што ние сме различни, но сме доволно блиски и она што го можат Италијанците и Швајцарците, што можат Шпанците и Французите, зошто да не го можат Бугарите и Македонците – вели Атанасов.

Според него, изборите се само едно оправдување за недостиг од иницијативи и активности за враќање на односите меѓу Скопје и и Софија во нормала.