Фото: МИА

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски вели дека во моментов се спроведуваат внатрешни постапки во рамките на факултетите за детална анализа на сите аспекти на новиот Предлог – Закон за високо образование. Утре е предвиден колегиум на кој, како што посочува Мираковски, ќе се презентираат забелешките, по што ќе се формира Комисија која ќе ги сублимира ставовите на Универзитетот.

-Во моментов имаме внатрешни постапки во рамките на факултетите за анализирање на сите аспекти на Законот за високо образование, а утре имаме колегиум на којшто ќе се презентираат – изјави денеска Мираковски, одговорајќи на новинарско прашање дали како Универзитет имаат забелешки на новиот Предлог Закон за високо образование.

Тој истакна дека откако ќе се изнесат забелешките за новиот Закон ќе се формира Комисија, којашто треба да ги сублимира.

-Не би сакал пред време да коментирам нешто. За нас е важно да имаме Закон кој што ќе овозможи развој и на високото образование и да го вратиме местото и поврзаноста на високото образование со реалниот сектор, со општеството. Сигурен сум дека и во тој правец ќе бидат ставовите на Универзитетот. Меѓутоа јас лично не би сакал да давам надвор од ова коментари, додека не заврши процесот на консултации – изјави Мираковски.

Прашан дали, новиот Закон за високо образование ќе даде можност за едукација на младите кои полесно и побрзо ќе влезат во реалниот сектор, како и за побрзо и полесно вработување на кадар и на самите универзитети во земјата, Мираковски со одговор дека во моментов се прават анализите од сите аспекти и тоа од начинот на предување во високообразовните институции до можноста за вработување на факултетите.

Мираковски вели дека во новиот Закон има позитивни работи кои се за поздравување, но додека не завршат анализите не сака да коментира, бидејќи ја нема целосната слика и кои се забелешките на научната фела.