Работната група во Министерството за правда работи на измените во Изборниот законик. Тој Изборен законик повторно ќе дојде во собраниска процедура и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе се произнесе врз основа на тие измени што ќе ги добиеме како предлог. Точно е дека ние не учествуваме, но тоа не значи дека нема да учествуваме во носењето на измените или во носењето на новата верзија на Изборниот законик, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој во одговор на новинарско прашање околу повикот на Ковачевски и ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работната група за изборниот законик, потенцираше дека кога ќе дојде во собраниска процедура, тогаш ќе се произнесат.
-Никогаш Министерството за правда не закажувало датуми за избори. Јас го разбирам Димитар Ковачевски, тој е поставен за вршител на должноста претседател на Владата и уште некое време ќе ја врши таа должност, нема изборно искуство, нема претходно искуство во овие процеси – изјави Мицкоски.
Тој упати јавна покана до Владата да седнат час поскоро и да договорат датуми за претседателските и парламентарните избори. Партијата е подготвена, како што рече, да договорат датум за претседателски избори во прв круг и претседателски и парламентарни избори во втор круг.
-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема потреба да трошиме дополнителни милиони народни пари поради математиките и политичките калкулации на веќе поразените политичари, дел од Владата на ДУИ и СДСМ. Оној датум кој што тие ќе го одберат, ние ќе го поддржиме. Подготвени сме да разговараме уште денеска – рече Мицкоски.