Фото: ВМА

Воено-здравствениот систем и ВМА се достапни за евентуално дополнително сместување повредени во пожарот во Кочани доколку има потреба, јави дописникот на МИА од Белград.

– И за оваа задача што ја извршивме, сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од комплицираните облици на транспортирање такви пациенти, па доколку има потреба – стоиме на располагање и тука сме повторно да им помогнеме на народот во Северна Македонија – изјави за РТС потполковник Горан Рондовиќ, анестезиолог од Клиниката за анестезија и интензивна нега на ВМА.

Тој додаде дека 30 пациенти повредени во пожарот се на лекување во Србија, од кои 12 се лекуваат во военото здравство, а останатите во цивилниот здравствен систем.

– Станува збор за изгореници предизвикани од ефектите на висока топлина и повреди од вдишување, што се распространети кај поголемиот дел од повредените во оваа трагедија, бидејќи тие беа затворени во запалениот простор и изложени на висока топлина – рече Рондовиќ.

Според него, тешко да се предвиди времето на опоравување на пациентите, но дека нивното закрепнување, доколку нема компликации, може да се очекува најмалку за недела или две.