СДСМ заедно со партиите од коалицијата вчера промовираа Манифест за преговорите со ЕУ, со порака дека е време за обединување. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ тоа е испуштена можност за постигнување консензус бидејќи им се нуди веќе подготвен документ, пренесе МИА.
Како што наведуваат од владеачката СДСМ овој Манифест е на линија на политиките на партријата и е добра основа за градење единство околу иднината на земјата. Со него, посочуваат, Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.
-Затоа, време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ. Политиките на СДСМ и коалицијата, за интеграција во НАТО и полноправно членство во ЕУ не се само политики за остварување на врвните стратешки приоритети и национални интереси, тоа се политики за сигурна и стабилна иднина за сите граѓани, економски напредок, развој и европски вредности. Ние сме чувари на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција, но и на заедништвото меѓу сите наши граѓани, без разлика на етничка, верска или друга припадност. Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните, наведуваат од СДСМ.
Во Манифестот, се посочува понатаму, е јасно наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија.
-Пред нашата татковина и пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред, да се донесе одлука за усвојување на уставните измени и побрзо членство во ЕУ. Затоа, повикуваме на обединување околу европската иднината на земјата, а усвојувањето овој Манифест е добра основа за чекор напред кон такво обединување. Како што покажавме обединетост и во 2018 година го обезбедивме членството во НАТО, сега повторно да се обединиме и да обезбедиме членство во ЕУ, се порачува во Манифестот инициран од СДСМ заедно со партиите од владеачката коалиција.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак со став дека со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консезус бидејќи не биле вклучени во подготовката на документот.
-Со овој чекор власта уште еднаш ја испушта можноста за консезус. Имено седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, рече вчера портпаролот на партијата Наум Стојковски на новинарско прашање дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив ваков документ и ваков национален консензус кој што веќе беше побаран од Ковачевски.
Иницијатори на Манифестот, за кој се посочува дека е отворен за широка општествена подршка, се: СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците (АА), ЛДП, НСДП, ДПА, Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), ДОМ, ВМРО-НП, Партија на пензионерите (ПП) и Српска странка во Македонија.
Манифестот се промовира на десетина дена од одржувањето на собраниската седница за уставни измени закажана на 18 август. За отворање на Уставот како прва фаза од процесот на промена на највисокиот државотворен акт, потребно е двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.