Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека Владата му нуди на Јавното обвинителство преземање на државниот систем за управување со документи и електронска архива, со цел зголемување на транспарентноста и намалување на можностите за корупција и одолговлекување на предметите.
Гостувајќи во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Андоновски нагласи дека дигитализацијата е клучна за поефикасно функционирање на институциите. Тој предложи Обвинителството да го користи системот што веќе е имплементиран во дел од државните органи.
Според него, секој нов предмет – било да станува збор за кривична пријава или претставка од граѓани, ќе биде веднаш електронски евидентиран, со што ќе се спречи можноста за негово „губење“ или заборавање.
Андоновски појасни дека со овој систем прецизно ќе се следи движењето на предметите, од моментот на прием, преку распределба, до одговорното лице и времето на задржување во секоја фаза од постапката.
Тој додаде дека преку платформата за интероперабилност веќе е овозможена брза, безбедна и ефикасна комуникација меѓу институциите, со што размената на документи се сведува на само една секунда.
Министерот истакна дека Владата е подготвена да обезбеди поддршка со ресурси и кадар, но нагласи дека таквата поддршка треба да биде оправдана со конкретни резултати и решени случаи.
Воедно, тој посочи дека во минатото барањата за зголемување на плати и вработувања не биле проследени со јасни показатели за успешност, изразувајќи очекување дека во иднина Обвинителството ќе покаже поголема отчетност и транспарентност пред јавноста.

































