Фото: Влада

Владата може да помогне во приближување на ставовите меѓу работодавачите и работниците, но нема намера да наметнува решенија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата на 600 евра, пренесе МИА

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски нагласи дека Владата го поддржува и охрабрува бипартитниот дијалог меѓу социјалните партнери, повторувајќи дека минималната плата ќе биде зголемена во согласност со законските одредби.

Тој појасни дека Владата не е во позиција да прифаќа или одбива барања во име на приватниот сектор, бидејќи како работодавач веќе ги регулирала односите со најголемиот дел од вработените во јавните институции. Како што истакна, за 98 до 99 проценти од вработените под надлежност на Владата е постигнат договор кој важи до 2028 година, со што тој процес е заокружен.

Мицкоски потенцираше дека Владата не може да се меша во односите меѓу приватните компании и нивните работници, но може да има улога на посредник. Во таа насока, најави дека на почетокот на март се очекува одржување на седница на Економско-социјалниот совет, каде што Владата ќе помогне во олеснување на разговорите со цел двете страни да постигнат компромис.

Тој посочи дека искуствата од минатото покажале дека наметнувањето решенија доведува до сериозни последици, со кои актуелната Влада сега мора да се справува поради, како што рече, погрешни политики на претходни влади.

Според премиерот, Владата останува отворена и на располагање и за работниците и за работодавачите и ќе даде поддршка во процесот на изнаоѓање одржливо решение.

Тој повтори дека Владата веќе покажала принципиелен пристап со тоа што постигнала договор со вработените чиј личен доход е под нејзина надлежност, со важност до крајот на мандатот во 2028 година. Тоа, според него, е јасен сигнал дека Владата се води од конзистентни ставови и одговорен однос.

-Ние ги регулиравме нашите односи, постигнавме договор до 2028 година и истовремено го охрабруваме бипартитниот дијалог. Како Влада, согласно закон, ќе ја зголемиме минималната плата – изјави Мицкоски по учеството на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.