Владата денеска го предложи судијата од Основниот кривичен суд Скопје, Ненад Савески, за нов државен јавен обвинител. Предлогот сега треба да биде разгледан и изгласан во Собранието, каде за изборот се потребни најмалку 61 глас од пратениците.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција изјави дека при изборот на кандидатот Владата се раководела од принципите на професионалност, интегритет и стручност.
– Ненад Савески е судија во Кривичниот суд кој во текот на својата кариера има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по својата стручност, професионален интегритет и посветеност на принципите на законитост и правда – рече Митева.
Според неа, изборот на државен јавен обвинител е прашање од исклучителна важност за кредибилитетот на правосудниот систем, поради што Владата пристапила кон процесот со особена внимателност и одговорност.
– Предлогот што Владата го упатува до Собранието се темели на стручни оценки и доставени мислења од Советот на јавните обвинители, како и на внимателна анализа на професионалниот интегритет, искуството и досегашните резултати на кандидатот – нагласи Митева.
Таа додаде дека Владата имала конструктивна дискусија за сите кандидати, но оценила дека Савески со своето професионално искуство и личен интегритет може да придонесе за понатамошна професионализација на правосудството.
Ненад Савески е роден во 1976 година во Гостивар, оженет е и татко на три деца. Магистер е по казнено право, а студиите и магистратурата ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Правосудниот испит го положил во 2003 година.
Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Кариерата ја започнал како судски приправник во истиот суд.
Во својата професионална биографија има и повеќе меѓународни и експертски ангажмани. Работел како експерт во ОБСЕ во Македонија, како и во рамки на Националната конвенција за ЕУ за Поглавје 23. Учествувал и во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, поврзани со судски реформи и кривична постапка.
Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа. Автор и коавтор е на повеќе стручни трудови од областа на кривичното право, човековите права, конфискацијата на имот и слободата на изразување.
На огласот на Собранието за избор на државен јавен обвинител се пријавија пет кандидати: актуелната вршителка на должноста државен обвинител Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата Ненад Савески, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
Советот на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица кандидати – Тополова-Исајловска, Ристовска, Савески и Раичевиќ, додека за кандидатурата на Владимир Панчевски оцени дека не ги исполнува законските услови во однос на работниот стаж.
Позицијата државен јавен обвинител остана испразнета по оставката на Љупчо Коцевски во декември минатата година, по што за вршител на должноста беше назначена обвинителката Тополова-Исајловска, која според закон не може да ја извршува функцијата подолго од шест месеци.
































