Фото: „Нова Македонија“

За три дена од пуштање на телефонската линија  070/355-526, наменета за повредените лица во пожарот во Кочани и нивните семејства директно да комуницираат со Канцеларијата на Претседателот на Владата, 109 граѓани ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози.

– Ова покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја. Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга – соопшти денеска владината прес-служба.

Тим од лекари летово (од 10 јуни до 20 август) во рехабилитацискиот центар Пониква на повредените ќе им даваат дополнителна медицинска грижа и психолошка поддршка.

Владата во соопштението ги повикува сите повредени лица да се јават на отворената телефонска линија.

– Ги повикуваме и ги охрабруваме сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби. Владата е целосно отворена за соработка. Продолжуваме да ја менуваме Македонија и да создаваме дела и резултати, во интерес на граѓаните. Државата е на патот на промените – се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.