Фото: Општина Кисела Вода / Архива

Во врска со проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, Владата на денешната седница ги донесе следните заклучоци:

– Се задолжуваат Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности – се наведува во соопштението испратено од владината прес-служба.

Во соопштението од Владата исто така стои дека се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.

– Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, но поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата – се наведува во соопштението испратено од владината прес-служба..

Исто така од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека веќе се постапува и се преземаат дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело. Јавниот обвинител издал наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“.

Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба.