Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на денешната седницата ја заврши Проверката на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025).
Согласно гласањето на членовите на Комисијата, од пријавените 37 кандидати, поминаа 24, додека на 13 од пријавените кандидатурите им беа одбиени поради немање на комплетна документација која се бараше согласно условите на Јавниот конкурс.
Меѓу кандидатите кои се најдоа на утврдената листа доминираат дипломирани новинари, политиколози, дипломирани правници, но има и актери, музиколози, продуценти, електроинженер и доктор по економски науки.
Тоа се: Валдета Касапи – професорка по албански јазик и книжевност од Скопје, Илир Рамадани – магистер по правни науки од Ноцо село, Кичевско, Лазо Трпков – специјалист политиколог од Скопје, Бурим Рамадани – дипломиран музичар теоретичар, педагог од Куманово, Златко Јанковски – дипломиран политиколог од Скопје, Патриот Лумани – дипломиран новинар од Франгово, Струшко, Ристе Панов – дипломиран политиколог и магистер по економски науки од Свети Николе, Давор Пашоски – магистер по европски студии за интеграција од Скопје, Марјан Велевски – дипломиран новинар од Скопје, Миле Грозданоски – дипломиран по историја на книжевности од Скопје, Селпин Керим – дипломиран актер од Скопје, Смилка Јанеска Саркањац – диплломиран инженер по електротехника и доктор по економски науки, Ведат Мемедалија – дипломиран новинар и економист од с. Слупчане, општина Липково, Никола Мадиќ – дипломиран продуцент, магистер по менаџмент на човечки ресурси, Анита Селими – дипломиран правник од Скопје, Музбајдин Ќамили – дипломиран актер од Тетово, Ивана Ефремоски – дипломиран новинар од Скопје, Билјана Бабиќ – дипломиран новинар од Скопје, Антонио Цилаков – магистер по правни науки од Велес, Владимир Палашевски – дипломиран политиколог од Скопје, Томислав Кежаровски – дипломиран правник и политиколог од Скопје, м-р Владимир Крстевски – дипломиран продуцент од Скопје, Беким Лачи – дипломиран професор од Скопје и Маја Седрак – магистер по музички науки од Скопје.
Во групата на кандидатите кои отпаднаа затоа што не ја поднеле бараната документација се најдоа имињата на Јордан Плевнеш, магистер по филолошки науки и на д-р Јета Старова Мехмети, доктор по културни студии.
Во текот на седницата при разгладувањето на кандидтурата на првиот на листата, дипломираниот новинар Гајур Рамадани, беше кажано дека нема доставено изјава заверена на нотар за исполнување на условот на член 119 од Законот за АВМУ и со тоа не ги исполнува условите да се претстави на јавната седница. Пратеникот од Левица Амар Мециновиќ кандидатурата на Рамадани како и на уште тројца други кандидати (Ристо Панов, Смилка Јаневска Саркаќац и Ведат Мемедалија) ја оспори и кажа дека треба автоматски да бидат избришани од листата. Тие биле дел од Програмскиот совет кој во 2018 година добил уште еден мандат, а со измените во законот им бил даден, вели, речиси неограничен мандат до изборот на нов програмски совет. Според него, тие се во втор мандат од 2018 година и ако се изберат би биле во трет мандат, што би било во контрадикција со член 118 од законот со кој се дозволени само два мандата.
– Сега еве го дочекавме тој ден кога се расправа за нов Програмски совет и сметам дека ова би им бил трет избор на овие луѓе, со што автоматски треба да бидат дисквалификувани како овој кандидат и сите понатамошни кандидати, особено што еден од овие бил и претседател на Програмскиот совет веќе речиси 13 години. Во однос на нивната работа понатаму можеме многу да дискутираме затоа што сметаме дека има и противзаконски постапки во нивните работи. Но според членот 118 сметам дека сите четворица кандидати треба да бидат дисквалификувани од конкурсот – рече Мециновиќ.
Пратеникот Халил Снопче од АА, изјави дека се согласува со реакцијата на Амар Мециновиќ и дека принципиелно има право дека во случај да е ова нивен трет мандат тоа би било во спртотивност со чл 118, но очекува тоа да биде разрешено од Комисијата кога ќе дојде времето на избор.
Пратеничката Илире Даути од ДУИ побара објаснување за кандидатите кои конкурирале, но не доставиле целосна документација дали биле дополнително контактирани од Комисијата во однос на можноста дополнително да ги достават документите кои им недостигаат. Претседателот на Комисијата Сајкоски кажа дека нема обврска Комисијата да ги контактира кандидатите и оти оној што ги исполнува условите ќе учествува на јавна расправа.
Снопче на крајот од седницата побара Комисијата да не биде ригорозна и да се препорача во иднина кандидатите кои не ги доставиле документите да имаат можност дополнително да ги доставта кога е во прашање исполнување на техничките услови.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ се спротивстави на овој предлог и кажа дека Собранието е тоа кое ги бира членовите на Програмскиот совет и дека кандидатите имале доволен период да ја покажат својата сериозност и преку комплетирање на потребната документација.
Јавната расправа на која кандидатите ќе се претстават пред Комисијата за прашања на избори и именувања е закажана за понеделник во 12 часот, информира претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски.
– Со оглед дека расправата по кандидатурите е завршена, Комисијата согласно Законот за ААВМУ, ќе организира јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите, на која ќе бидат поканети организациите кои ја дале поддршката како и самите кандидати. Јавната расправа ќе биде закажана за понеделник во 12 часот – рече Сајкоски.
На почетотокот од седницата на барање на еден од членовите на Комисијата поради тоа што не им биле доставени материјалите, беше дадена едночасовна пауза.
Програмскиот совет на МРТ има 13 членови кои ги избира Собранието по предлог на овластен предлагач. Советот има претседател и заменик претседател. Собранието ги избира со двотретинско мнозинство. Мандатот на членовите на Програмскиот совет е пет години со право на уште еден последователен мандат.
За да ги исполнат условите кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ треба да се државјани на Македонија, да имаат високо образование, работно искуство од најмалку осум години во струката, кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет. Кандидатите со кандидатурата доставуваат и изјава заверена на нотар во која наведуваат дека ги исполнуваат сите услови за спречување на конфликт на интереси од членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на тоа кој не може да биде член на Програмскиот совет на МРТ, односно на неспоивост на функции.