По повод 79-годишнината од депортацијата на Евреите од Штип, делегација на Фондот на холокасутот и Еврејската заедница денеска положија цвеќе на споменикот на депортираните Евреи од овој град. На присутните им се обрати претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, кој ја истакна загубата и геноцидот на еврејска популација во Втората светска војна, депортацијата на 551 Евреи од Штип, кои никогаш не се вратија во своите домови. Сите беа убиени во логорот Треблинка.
На комеморацијата беа присутни и амбасадорката на Соединетите Американски држави, Кејт Брнз и Н.Е. Амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
Во нивен спомен во 1985 година е подигнат споменик, кој секоја година на овој датум е посетуван од малубројните потомци на преживеаните. Автор на ова дело е уметникот Методи Андонов.
Во Собранието на град Штип, делегацијата беше примена од градоначалникот Иван Јорданов, каде беше изведена и пригодна програма.
– Навраќањето кон овие настани од минатото, само нѐ потсетуваат колку е значајно да евоцираме спомени од големите грешки и конечно светската историја да почне да пишува страници исполнети со мир и благостојба на човештвото, на етничките заедници, на малите и големите нации, богатите и сиромашните – објави Јорданов на Фејсбук.
Делегацијата од членовите на Еврејската заедница , Фондот на холокаустот, градоначалникот Јорданов и граѓаните на Штип беа дел од „Маршот на живите“, кој тргна од општина Штип, низ улиците на градот до Споменикот на депортираните Евреи.
Делегацијата ги посети и Еврејските гробишта.
Фотографии: Маја Јаневска-Илиева