Фото: Орце Ѓорѓиевски

Над 300 милиони евра е, според нашите пресметки, вкупниот долг на јавните претпријатија на Скопје, а не како што очекував околу 200 милиони. Ќе треба посериозен ангажман, но тоа е дополнителен предизвик и мотив во намерата да изградиме метропола со која сите ќе се гордееме за кратко време – изјави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Во интервју за „ТВ Сител“ вечерва тој кажа дека состојбата не го плаши. Како што рече, „ќе биде пеколно тешко, но имам одличен тим и очекувам силна поддршка од Владата и со добра организација и домаќински ќе ја надминеме состојбата“.

Најави дека сите јавни претпријатија ќе претрпат измени во менаџерскиот тим и наскоро ќе бидат соопштени кадровските решенија за Град Скопје, за ЈП, установи од културата и средните училишта.

-Природно е и логично секој човек со себе да си донесе луѓе со кои сака да работи. Кадровските измени ќе бидат соoпштени во следните денови – рече Ѓорѓиевски.

Соопшти дека од 370, денес е речиси 500 бројот на отпуштени од работа поради недоаѓање на работа.

– Тоа значи пет милиони евра на годишно ниво, тоа се сериозни пари со кои досега ќе имавме Лунапарк. За тоа се знаело и во минатото, но изгледа се немало храброст да се преземат чекори. Нема да имам толеранција кон никого за тоа, така беше и во општината што ја раководев – рече Ѓорѓиевски во гостувањето на „ТВ Сител“.

Како што рече, со правни тимови разгледува можност не само што се отстранети од работа туку и средствата да бидат вратени и да има одговорност од раководители на сектори и од директори што тоа го дозволувале.

Најмногу вакви случаи имало ЈП Паркови и зеленило и во ЈП Комунална хигиена но, рече, и во Дрисла и Водовод и канализација и во сите други ЈП имало ваков тип појави и различни профили на работници. Како што рече, не се работело  само за три дена туку за неколку месеци па и години да бидат луѓе на платен список без да доаѓаат на работа.