Презентација на македонски вина на штанд на нашата амбасада во Кина
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг
Во Амбасадата на Белгија во Пекинг, Кина, се одржа настанот „Франкофонски деликатеси“, на кој се претставија 20 амбасади на земји членки на Меѓународната организација на франкофонијата, меѓу кои и македонската амбасада, на чиј штанд беа презентирани македонските вина, меѓу кои и оние на винарницата „Стоби“, како и деликатесни производи од нашата земја. На настанот што го организираше македонската амбасада во Пекинг беше присутен амбасадорот Сашко Насев со сопругата, а беа поканети и други официјални лица и Македонци што живеат и работат во Кина. Своите деликатеси, меѓу другите, ги претстави и амбасадата на земјата домаќин на настанот, Белгија.
Од 2006 година, Македонија станува полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата за време на Самитот на франкофонијата што се одржа во Букурешт, Романија. Претходно имавме статус на набљудувач. Членството во Меѓународната организација на франкофонијата се заснова, пред сè, врз прифаќањето на темелните принципи и вредности на оваа организација, кои соодветствуваат и со заложбите за мир во светот, демократијата, човековите права, образованието, науката, афирмацијата и заштитата на културната и јазичната разновидност и солидарност…

Меѓународната организација на франкофонијата истовремено е меѓународна политичка институција и простор за политички, културен и економски дијалог на различни земји што ја споделуваат истата визија за светот, посебно за предизвиците што ги креира глобализацијата. Покрај поттикот за негување на историската традиција и присуството на францускиот јазик кај нас, членството во Меѓународната организација на франкофонијата е и можност за афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и богато културно наследство, како и на сите вредности на современото македонско општество – мирот, демократијата, толеранцијата и солидарноста. Тоа се всушност темелните вредности на Меѓународната организација на франкофонијата.