Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од  Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека денеска времето ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд со слаб интензитет и услови за изолирана појава на ретки грмежи. На повисоките места врнежите ќе бидат од дожд и снег, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе се движи од -1 до 5 степени, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.

Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и можност за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 3 до максимални 12 степени.

Во текот на викендот и во првите денови од следната седмица ќе продолжи променливо облачно време со локални врнежи со слаб интензитет. Пообилни врнежи се очекуваат во ноќта кон среда и во среда. Во недела и во среда ќе дува умерен, а долж Повардарието и засилен ветер од северен правец.