Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во христијанскиот свет. Вапсањето започнува денеска на Велики четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисаа првите три црвени велигденски јајца.
– Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството – вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.
Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.
Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава на блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.
Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот.