Движењето „Кој е Следен?“ денес изведе герила-акција пред судницата во „КПУ Идризово“, непосредно пред почетокот на судскиот процес за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
Активистите истакнаа дека нивното присуство претставува симболичен потсетник дека јавноста будно го следи судскиот процес и дека институциите имаат морална и законска обврска да обезбедат правда. Со голем транспарент на кој пишуваше „Ве гледаме!“, тие упатија силна порака дека одговорноста за трагедијата е императив, а не опција.
– Правдата нема да дозволиме да остане само големо очекување, сѐ додека не стане доблест – порачаа активистите, нагласувајќи дека од денес судската власт е под лупа. Тие побараа непристрасно, професионално и целосно транспарентно судење, ослободено од какви било политички влијанија.


































