Во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче и во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола, со свечени богослужби беше канонизирана преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска. Свеченото вбројување на преподобномаченичката во диптихот на светителите и исповедниците, започна во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, демирхисарско, каде што се отслужи празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше митрополит Петар од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“, во Битола, беше отслужена богослужба, а во продолжение, а потоа и Света архијерејска литургија, на која беше објавена одлуката на САС на МПЦ-ОА, за впишување на Светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска во списокот на Светите.
Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на Синодската комисијата за канонизирање на светии, донесе одлука да ја вброи преподобно-маченичката Стефанида Битолска во диптихот на светителите и исповедниците. Моштите на света Стефанида се наоѓаат во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, а сестринството на овој манастир ја наслика иконата на оваа новопројавена Божја угодничка и го состави нејзиното житие. М.М.