Васил Стерјовски, еден од најголемите активисти за правата на Македонците во Албанија и лидер на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ќе биде во трка за пратенички мандат.
-Тоа врз основа на денеска постигнатиот договор со Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама. Нашиот лидер Стерјовски е на отворената листа за пратеници на Социјалистичката партија во изборна единица Корча, каде се надеваме на успех. Со него како пратеник ќе имаме навистина доследен претставник – изјави за МИА, Ендрит Фетаху, потпретседател на МАЕИ.
Стерјовски на чело на партијата е од 2019 година, пратеник беше во претходниот парламентарен состав и е прв пратеник Македонец, кој јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување на Македонците.
Роден е на 17 мај 1982 година во Корча. Работи како професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, докторанд е на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Оженет е и е татко на две деца.
Претставувајќи ја кандидатската листа за оваа изборна единица, Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на социјалистите и поранешен министер за одбрана, за медиумите вечерва, за Стерјовски кажа дека е образован и вреден млад човек, поранешен пратеник, докажан како политичар и педагог. Меѓу другото кажа дека со МАЕИ имале добра соработка и оти „заедно ќе работат за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо и Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија“.