Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ денеска го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.
Во писмена изјава по гласањето Вајц посочи дека земјава е предводник во регионот, покажувајќи вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, вклучително и историска промена на името и смели реформи.
– Но, нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ – вели Вајц во изјавата.
Тој посочува дека во Извештајот се нагласува оти проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми и ја повикува земјата да ги спроведе потребните реформи.
– Ги повикувам сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ – вели Вајц.
Тој нагласува дека како известувач на ЕУ за земјава неуморно работел за „добро избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја“.
– За жал, некои бугарски европратеници го искористија извештајот за домашни цели – додава Вајц во изјавата.
Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
Со 458 гласа „за“, 109 „против“ и 118 „воздржани“ беше усвоен амандманот на тројцата европратеници за бришење на текстот „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“ во членот 3 од Извештајот, со 453 гласа „за“, 120 „против“ и 109 „воздржани“ беше прифатен предлогот за бришење на воведниот дел од членот 7 која гласи „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството и уставниот поредок на нацијата, но и од европските вредности, забележува дека европските институции, во извештаите за земјите и официјалните документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор…“, додека со 470 гласа „за“, 86 „против“ и 130 „воздржани“ беше одобрен и амандманот со кој се брише точката Л која требаше да гласи: „Со оглед дека ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Со 562 гласа „за“, 62 „против“ и 60 „воздржани“ беше усвоен и амандманот на грчкиот европратеник Константинос Арванитис со кој во членот 68 по зборовите „железничкиот коридор 8„ се додава „и 10“. Со 541 глас „за“, 97 „против“ и 82 „воздржани“ беше прифатен и амандманот на истиот европратеник со кој во членот 76 по зборовите „изградбата на Коридорот 8“ се додава „и Коридорот 10“.
Европратениците го прифатија и амандманот на словенечкиот европратеник Матеј Тонин од ЕП со кој во членот 56 зборовите „улогите на Унгарија и Србија“ се менуваат со „улогите на унгарската Влада и на српската Влада“, додека зборовите „кредитот од Унгарија“ се заменува со „кредитот од унгарската банка Ексимбанк“.
Останатите амандмани на Извештајот на Вајц беа одбиени од мнозинството европратеници.