Во Собранието денеска почна со работа Комисијата за селекција на кандидатите за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата во состав на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. За претседател на ДКСК пријавени се 10 кандидати.
Претседателот на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски информира дека в петок ќе биде свикана седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на која ќе биде изгласан кандидатот по донесувањето на одлуката од членовите на Комисијата за селекција.
– Првично имаше пријавено 13 кандидати за оваа позиција. Едниот кандидат ги повлече документите, а Комисијата по административната проверка заклучи дека двајца кандидати не ги исполнуваат условите. Во моментов има десет кандидати кои ги исполнуваат условите. Денеска започнуваме со интервју со пет од нив, а утре ќе продолжиме со останатите пет. И планот е во петок да биде свикана собраниската Комисија за избори и именувања и претседател на ДКСК да биде избиран по оценувањето на Комисијата за селекција – рече тој.
Стојаноски нагласи дека по завршувањето на интервјуата на десетте кандидати, односно во четврток членовите на Комисијата за селекција на кандидатите треба да се соберат и да донесат одлука за рангирање на кандидатите соодветно и да ги оценуваат секој член на Комисијата посебно.


































