Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје, на 10. мај 2025 година во просториите на Философскиот факултет во Скопје со почеток во 11 часот, ќе се одржи LII Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.
На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Учениците се натпреваруваат во три категории според јазикот, степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво латински јазик за гимназија и за здравствена струка почетно ниво старогрчки јазик за гимназија.
Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат професорите и студентите од Институтот за класични студии.
За време на натпреварите здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија.
Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји, а од 2014 и на Меѓународната федерација на здруженија за класични студии (FIEC).
Здружението го издава електронското списание Systasis, (www.systasis.org).
ПРОГРАМА
❖ 10:00 – 10:30 – Регистрација на учесниците.
❖ 10:30 – 11:00 -Претставување на потенцијалите на Институтот за класични
студии. (амфитеатар бр.3)
❖ 11:00 – 12:00 – Натпревар – за учениците. (амфитеатар бр.3)
❖ 11:00 – 12:00 – Годишно Собрание на Здружението Антика – за
наставниците и останатите членови на Здружението. (Свечена сала)
❖ 12:00 – 13:00 – Освежување – сендвич, сок.
❖ 14:00 – 15:00 – Објавување на резултатите и прогласување на победниците.
(амфитетар бр.3)