Уставните измени се можеби болни, но се неопходни и затоа сакам да ги охрабрам моите колеги овде во Парламентот, во Владата, да го сторат најдоброто за да ја вратат земјата на европскиот пат – порача денеска во Скопје претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундетагот и поранешен државен министер на Германија за Европа Михаел Рот.
– Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците – изјави Рот пред денешната конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, што се одржува во Собранието.
Проблемите, вели Рот, не треба да се решаваат со заземање територии и етничко чистење, туку со соработка, пријателство помирување меѓу различни етникуми.
– Ценам што толку многу луѓе во земјава веруваат дека иднината на земјата е во обединета Европа. Но, за жал, војната се врати во Европа со руската агресија врз Украина. Тоа не е закана само за луѓето во Источна Европа туку за сите нас. Праќаме многу едноставна порака – да ние сме окупирани со војната, но тоа не занчи дека ја забораваме важната улога на што земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија ја играат за иднината на Европа – истакна Михаел Рот.
Германскиот парламентарец дојде во Скопје како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ. Рот во текот на денов ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.