Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уставниот суд одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, со што престанува преиспитувањето на линеарното зголемување на пензиите. Со оваа одлука, законското решение останува дел од правниот поредок.

Од Судот информираа дека предлогот за поинаква одлука не добил потребно мнозинство гласови, поради што постапката е прекината, пренесе МИА.

-Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот ја запре постапката – соопштија од институцијата.

Постапката беше поведена поради сомневања дека ваквиот модел на зголемување може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и принципот на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите без оглед на висината на нивните придонеси.

На истата седница, Уставниот суд разгледа и повеќе иницијативи поврзани со други закони. Судот одлучи да не поведе постапка за одредби од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на употребата на македонскиот јазик и јазиците на заедниците со најмалку 20 проценти застапеност.

Постапка ќе се води за делови од Законот за судскиот буџет, во сегментот што се однесува на Академијата за судии и јавни обвинители, како и за одредби од Законот за семејството поврзани со роковите за тужби за оспорување татковство, Законот за индустриска сопственост и одлуката за преименување улици и инфраструктурни објекти во Општина Тетово.

Судот одлучи да не поведе постапка за Деталниот урбанистички план за Горно Лисиче, додека за иницијативите поврзани со Законот за извршување и Законот за адвокатурата не беше донесена одлука поради недостиг на мнозинство.

Со донесените одлуки, укинати се одредби од Статутот на Општина Сопиште, Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје, како и делови од Законот за вршење сметководствени работи и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Покрај постапката за пензиските измени, Судот ја запре и постапката за делови од член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.