фото: Уставен суд

Уставниот суд ја продолжува соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, било констатирано на денешниот работен состанок на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски со Умер Ал-Катиб, раководител на Одделот за човекова димензија при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На состанокот, како што соопшти Уставниот суд, се разговарало за идните активности кои двете институции заеднички ќе ги спроведат во насока на продолжување на соработката и склучување на нов Меморандум за разбирање.

Меѓу приоритетите што Костадиновски ги нагласил е унапредувањето на транспарентноста преку неколку активности, по претходно испитување на јавното мислење и довербата на граѓаните во Уставниот суд.

Претседателот на  Уставниот суд  ја потенцирал важноста од спроведување на стручни обуки за советниците и информирал за потребата од вложување во кадровските капацитети на Судот со крајна цел да се обезбеди поефикасна служба и зголемување на квалитетот на работниот перформанс.

На состанокот се разговарало за организирање на меѓународни конференции на кои ќе бидат споделени компаративни искуства од други држави, за теми важни за уставното судство и унапредување на човековите слободи и права.

– Во изминатите неколку години Мисијата на ОБСЕ во Скопје раководена од амбасадорот Килиан Вал даде значителна поддршка за Уставниот суд при организирањето на Меѓународната конференција по повод „60 години Уставен суд”, промоција и издавање на Монографија, како и зајакнување на капацитетите на Судот преку обезбедување на соодветни обуки за советниците – информираат од Уставниот суд