Уставниот суд информира дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.7.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право (1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
-Според наведеното во иницијативата Протоколот е во спротивност со Уставот, бидејќи не е ратификуван во Собранието, не е објавен во дадениот уставен рок во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Дополнително, се тврди дека е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување – стои во наводите на иницијативата.
Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија. Се тврди дека за разлика на процедурата спроведена во Македонија која ја оценува како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала уште на 23.6.2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот, а потоа на седница на 24.6.2022 година го усвоила целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со земјава со имплицитно вградениот Протокол.