Уставниот суд на денешната седница ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
– Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 52/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014,61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016) – информираат од Уставниот суд.
Подносител на иницијативата е Адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, кое смета дека државата има воспоставено монопол на електронски и интернет игри на среќа, односно исклучиво право за организирање електронски игри на среќа и интернет игри на среќа.
Според наводите во иницијативата, со вака пропишаната законска одредба, Републиката ги оневозможува приредувачите на игри на среќа да се стекнат со право да организираат електронски и интернет игри на среќа, а што е спротивно на член 55 од Уставот со кој се предвидува дека слободниот пазар и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон само за одбрана на Републиката, природата, животната средина и здравјето на луѓето, а спротивно и на основниот принцип според кој се забрануваат монополи.
Уставните судиите на денешната седница не поведоа постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од ковид-19, случаите и временскиот период на нивна примена, поднесена од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК).
Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била во спротивност со Законот за заштита на деца и со Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата. Во иницијативата се наведува дека Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, пропишува дека воспитните групи за деца до двегодишна возраст имаат максимум до 15 деца и двајца вработени во смена, а Воспитните групи за деца од две до десет годишна возраст да имаат максимум до 25 деца и двaјца вработени во смена, што било во спротивност со членот 64 од Законот за заштита на деца и членот 27 од горенаведениот колективен договор.
Подносителот сметал дека со донесување на оспорената одлука зголемен е бројот на деца во предучилишна возраст од 21 дете на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите до 2 години. Со оглед дека во конкретниот период немало воена или вонредна состојба, Владата немала можност да носи протоколи во спротивност на постоечкиот Закон за заштита на децата, каде подносителот наведува дека е повреден член 64 од истиот, како и член 27 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата.
Подносител на иницијативата бил Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.
На дневен ред на денешната седница била и иницијативата поднесена од Анита Галевски од Битола, која во 2018 година аплицирала на оглас за вработување како фармацефтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола и била второрангирана. Според наводите, раководните лица при ЈЗУ Клиничка болница Битола го избрале шесторангираниот кандидат, со што е направена повреда на правата на барателот. Против ваквата одлука, барателката поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но жалбата е одбиена како неоснована. По оваа точка Судот не донел одлука бидејќи во текот на расправата рефератот бил повлечен и ќе се одлучува на некоја од наредните седници.