Во Охрид свечено беше затворен „Охридскиот конгрес на правото 2022“, собир на околу 150 учесници млади правници-студенти од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои изминатите четири дена во Охрид слушаа предавања и организираа дебати во рамки на темата „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“.
Успешен организатор на овој студентски собир беше Факултетското студентско собрание и студентите на Правен факултет „Јустинијан Први“.
Во работниот дел од програмата, учесниците на Конгресот имаа можност да следат излагањата на професорите од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, како и искусни познавачи на правото, по што се развиваше богата и плодна дискусија. Се разбира, организаторите се покажаа како добри домаќини, па за сите учесници имаа организирана и богата програма во рамки на слободното време меѓу предавањата и дебатите богата културно-уметничка програма со разгледување на Охрид и околината, но и забава, со цел подобро запознавање и размена на искуства.
– Огромна чест и задоволство ми беше што го организиравме овој конгрес. Како што напоменав и претходно, за нас организацијата на претходниот ваков конгрес во Будва беше голема инспирација, па уште таму напоменав дека сакам следно да се видиме во Охрид во есен на конгрес во наша организација. Сега можам само да кажам: ветено – сторено. Навистина се видовме во Охрид, имавме одлични дружби, одлични предавачи, благодарни сме на сите што беа дел од овој конгрес – студенти, професори, адвокати, судии, обвинители, честа беше наша што ги пречекавме како добри домаќини. Убедена сум дека со предавањата, дискусиите и дебатите, подлабоко допревме до судството на Балканот. Најважно е што сите студенти излегоа со насмевка на лице, а за нас тоа е се што сакаме. Здравје Боже, наредна година се надевам дека повторно токму ние ќе го организираме следниот конгрес – ни изјави Тијана Тесалоника Шишкоска, членка на организацискиот одбор на „Охридскиот конгрес на правото 2022“.
Инаку, вчера, на крајот од работниот дел беа доделени сертификати за учество на конгресот, како и благодарници за посебен придонес во организацијата на конгресот.
Така благодарница му беше врачена на претседателот на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет во Подгорица, Андреј Вукчевиќ, како и на Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание.
„Нова Македонија“ беше медиумски покровител на Конгресот.