Претседателот Стево Пендаровски смета дека недозволиво е да се блокираат преговорите на Македонија за влез во ЕУ поради историски прашања. Тој упати јавна порака до Европската Унија дека не смее да се проблематизира влезот на која било земја, ако тоа нема поврзаност со реалните вредности и принципи. Пендаровски посочи дека граѓаните со право се прашуваат како да бидат сигурни дека во иднина нема на друга земја членка нема да и текне да ја блокира Македонија со ново барање.
-Морам да бидам искрен дека условите кои последните две години ги поставува Бугарија, не можеше никој да ги предвиди дека ќе бидат поставувани. Бидејќи комплетен консензус, во кој учествуваше и бугарската влада во 2017, 2018, 2019 година, кога додаваме Северна кон Македонија, имаше општ консензус дека нови барања нема да има. Со право и граѓаните прашуваат од каде овие барања додаваат. И сега логично прашање е дали ако сега ги направиме овие уставни промени, дали утре-задутре некоја друга земја членка или истава која не блокира 2,5 години наназад, нема да и текне да постави ново барање? Јас се надевам дека нема да се случуваат такви работи – кажа Пендаровски.
Упати јавни пораки до Европската Унија.
-Кредибилитетот на ЕУ како организација која со децении е сметана за шампион за промоција на човекови права и демократија беше драстично нарушен со тоа што РСМ се уште чека во предворјето, соочувајќи се нови барања. ЕУ самата внатре не смее да дозволи било која членка да поставува прашања или да проблематизира нечиј влез кој нема врска со реалните критериуми, вредности и принципи поради кои е формирана и поради кои постои. Да блокирате држава поради историски прашања – е недозволено и не би требало да биде дозволено во модерна Европа – кажа Пендаровски.