Фото: Пекселс

Во лекувањето некомплицирани уринарни инфекции освен антибиотската терапија сè со цел да се избегнат несаканите ефекти од примената на антибиотикот, како и развој на антибиотската резистенција во денешно време сè повеќе се наметнува потребата од употреба на ефикасни алтернативни супстанци

Автор: Д-р Мирослав Бошковски

Уринарните инфекции се честа и доста вознемирувачка појава, што го нарушува квалитетот на животот и ги ограничува секојдневните активности на пациентите. Од голема важност е нивното навремено лекување затоа што можат да доведат до сериозни, а во одредени случаи и до животозагрозувачки компликации.

Жените се 20 до 50 пати поподложни на уринарни инфекции во споредба со мажите, особено сексуално активните жени. Околу 10-15 отсто од жените имаат барем една појава на уринарна инфекција во текот на годината. Инциденцата расте со возраста, а разликата во инциденцата помеѓу половите се намалува со текот на годините. Проблемот е позастапен кај пациентите постари од 65 години, како и кај пациентите со други коморбидитети како шеќерна болест и пациенти на болничко лекување.

Постојат повеќе фактори кои влијаат за предиспозицијата кон уринарни инфекции и тоа: чести инфекција во детството, нов сексуален партнер, користење спермицидни средства, неодамнешна антибиотска терапија, постменопаузална вагинална атрофија, нарушено празнење на мочниот меур, дијабетес, интервенција со инструменти во уринарниот тракт и уринарен катетер.

Уринарната инфекција може да биде локализирана само во еден дел од уринарниот систем, па според локализацијата може да се манифестира како уретрититис, простатитис, циститис, пиелонефритис, а понекогаш може да го зафати и целиот уринарен тракт. Може да биде асимптоматска инфекција или да се манифестира со одредена клиничка слика.

Уринарните инфекции може да се поделат на: акутни уринарни инфекции кои припаѓаат на две анатомски категории: инфекција на долниот тракт (уретритис и циститис) и инфекција на горниот тракт (акутен пиелонефритис, простатитис, интраренални и периренални апсцеси) и хронични уринарни инфекции кои се делат на реинфекција и релапс. Релапсна инфекција е дефинирана како повторување на бактериска инфекција со истиот организам во рок од три недели од завршувањето на третманот со кој била постигната стерилна урина. Реинфекција е кога после уништување на бактериурија со соодветен третман, имаме инфекција со различен организам по 7-10 дена. За разлика од релапсот, реинфекцијата се должи на реинвазија и во тој случај отпочнување со профилактички мерки е задолжително.

Д-р Мирослав Бошковски / Фото: Приватна архива

Најчести етиолошки агенси се грам-негативните бактерии, а во над 95 отсто од акутните уринарни инфекции одговорена е ешерихија коли (Escherichia coli). Други грам-негативни причинители се видовите протеус (Proteus), клебсиела (Klebsiella) и ентеробактер (Enterobacter). Овие организми, заедно со видовите сератие (Serratia) и псевдомонас (Pseudomonas), имаат сè поголема значајност во рекурентните инфекции и во инфекциите поврзани со уролошка манипулација (уринарни камчиња и опструкција), уринарни катетери.
Грам-позитивните бактерии поретко се сретнуваат како предизвикувачи на уринарни инфекции. Сепак, стафилококус сапрофитикус (Staphylococcus saprophyticus) кој влегува во групата на коагулаза негативните стафилококи е одговорен во 10-15 отсто за појавата на акутни уринарни инфекции кај млади женски лица. Доколку во урината се изолира стафилококус ауреус (Staphylococcus aureus), треба да се земе предвид можноста за присуство на инфекција на бубрегот. Стафилококус епидермис (Staphylococcus epidermidis) е чест предизвикувач на инфекции на уринарниот тракт поврзани со уринарен катетер. Доста значајни предизвикувачи на уринарни инфекции се и полово преносливите агенси кои предизвикуваат уретритис како кламидија трихоматис (Chlamydia trachomatis), неисериа гонорае (Nеisseria gonorrhoeae) и херпес симплекс вирусот. Колонизацијата на урината со кандида (Candida) и други фунгални видови претставува честа појава кај пациенти со дијабетес или кај пациенти што биле подложени на катетеризација. Иако многу ретко (3-4 отсто) присуството на повеќе од еден бактериски вид во урината е поврзано со уринарна катетеризација.

Клиничката слика, дијагностиката, третманот и компликациите од инфекцијата варираат во зависност од местото на локализацијата на инфекцијата.

Циститис – Се манифестира со отежнато и болно мокрење – дизурија, фреквентност и итност за мокрење и супрапубична болка. Честопати се менува и изгледот на урината која станува матна, добива лош мирис, а кај околу 30% од случаите може да биде и крвава – хеморагичен цистит. Циститис кај мажите е редок. Жените се повеќе склони кон развој на циститис поради нивната релативно пократка уретра – бактериите не мора да патуваат толку далеку за да влезат во мочниот меур и поради релативно краткото растојание помеѓу отворот на уретрата и анусот.
Акутен пиелонефритис – Симптомите обично брзо се развиваат во рок од неколку часа или еден ден и се манифестираат со треска, покачена температура, гадење, повраќање, болка во слабините и абдоменот. Понекогаш постојат и симптоми на циститис. Кај некои пациенти постои лесна клиничка слика, додека кај други доминираат знаци и симптоми на грам-негативна сепса.
Уретритис – Кај околу една третина од жените со акутни дизурични симптоми, уринокултури се или стерилни, или се изолирани мал број на бактерии. Од клинички аспект, овие жени не можат секогаш лесно да се разликуваат од жените со цистит. При такви состојби треба да се размислува и за инфекција со полово преносливи организми (C.trachomatis, N. gonorrhoeae или херпес симплекс).
Инфекција на уринарниот тракт поврзана со катетер – Најмалку 10-15% од хоспитализираните пациенти со привремени уринарни катетери. Кај поголем дел од овие пациенти се забележува поизразена антимикробна отпорност. За стекнување на овие инфекции влијаат следниве фактори: женски пол, продолжена катетеризација, тешка болест, неправилна нега со катетерот. Овие инфекции обично предизвикуваат минимални симптоми без треска и често се повлекуваат по вадењето на катетерот.
Акутен бактериски простатит – Се манифестира како акутна болест со висока температура, треска, перинеална и болка во долниот дел на грбот, зачестено болно мокрење и најчесто се јавува кај млади мажи. Кај постарите мажи се поврзува со носење на уринарен катетер. Патот на инфекцијата најверојатно е преку уретрата и се олеснува со рефлуксот на урина во простатичниот канал при мокрењето.
Хроничен бактериски простатит – За оваа состојба треба да се размислува кај мажите кои имаат анамнеза за повторувачка бактериурија. Вообичаено помеѓу епизодите не се забележуваат симптоми. Инфекцијата се шири кон мочниот меур со што предизвикува фреквентно мокрење со итност и дизурија. Ова е вообичаено кај мажите на средна возраст.

Во поставувањето на дијагнозата на уринарна инфекција ни помага клиничката слика, но златен стандард во дијагностиката е уринокултурата. Собирањето урина за уринокултура е многу значајно со цел да се избегне и минимална контаминација од надворешната средина. Се зема првиот утрински примерок, кој има најголем број бактерии и се зема среден млаз, по тоалета на надворешните гениталии. За поставување на дијагноза за уринарна инфекција, важен е и наодот на пиурија (леукоцитурија). Изолирана бактериурија, без пиурија, ни зборува за надворешна контаминација на урината. Ако пациентот има акутна инфекција и ако се најдат леукоцитни цилиндри, многу веројатно е дека постои акутен пиелонефритис. Од биохемиските испитувања, важни се дипстик-техниките, но тие не можат да ја заменат уринокултурата. За дијагноза на простатитис, потребно е да се определи бактериурија од простатичен секрет, бидејќи кај мажите е важно разграничувањето меѓу уринарното или простатичното потекло на уринарната инфекција. Дијагностичките постапки за оцена на морфологијата и функцијата на уросистемот како ехосонографија на бубрези, компјутеризирана томографија (КТ), магнетна резонанца (МР), радиотопски испитувања и интравенска пиелографија (ИВП) се важни за докажување на комплицираните уринарни инфекции.

Медикаментозна антибиотска терапија е основа во третманот на уринарните инфекции и тоа почнувајќи како емпириска терапија во одредени случаеви, па се до антибиотска терапија дадена по соодветен антибиограм. Се препорачуваат голем број протоколи за лекување на уринарни инфекции во зависност од местото на инфекцијата, клиничката слика, комплицираноста на инфекцијата како и другите коморбидитети и медицинска историја на пациентот. Имаме третман на акутен цистит со единечна доза на антибиотик, со тридневен третман со хинолони, па се до 7-14-21 дневен антибиотски третман кај сериозни пиелонефрити. Кај пациентите со слаби симптоми со комплицирана инфекција на уринарниот тракт се пропишува емпириска орална терапија со флуорокинолони, додека не се добијат резултатите од уринокултурата и антибиограмот. Пациентите со посериозни заболувања, како акутен пиелонефритис или суспектна уросепса, треба да се хоспитализираат и да се третираат со антибиотска парентерална терапија. Кај пациентите со дијабетес може да се очекуваат и посериозни компликации, поради што се употребуваат антибиотици како имипенем и пеницилин со широк спектар. Акутно болните, фебрилни пациенти со простатит се третираат со интравенска антибиотска терапија во прв ред со флуорокинолон, а како алтернатива може да се даде трета генерација цефалоспорин или аминогликозид. Релативната неефиксаност на долготрајното лекување е делумно поради слабата пробивност на поголем дел од антибиотиците во простатата. Со флуорокинолоните се постигнува најдобар резултат, но обично мора да се даваат најмалку 12 недели. Бактериурија кај небремени жени нема потреба од антибиотски третман, додека кај бремените жени за време на првото тримесечје од бременоста треба да се испита постоењето на асимптоматска бактериурија и таа треба да се третира со антибиотик на уста, а по завршувањето на третманот треба да се направи контролна уринокултура.

Освен антибиотска терапија, други општи мерки при лекување на уринарните инфекции се: внесување на голема количина течности околу 2-3 литри наден алкалинизација на урината со алкални средства како калиум и натриум цитрат, лекување на опстипација, витамин Ц, посткоитално празнење на мочен меур, избегнување спермициди. Редовно и правилно одржување на хигиената во урогениталната регија со хигиенски средства со неутрална РН, како и правилно бришење по уринирање кај женската популација во правец од вагиналниот кон аналниот отвор, неодлагање на потребата за мокрење се основи за превенција од уринарни инфекции. Празнењето по сексуален однос го намалува ризикот од развивање на циститис.

Во лекувањето некомплицирани уринарни инфекции освен антибиотската терапија сè со цел да се избегнат несаканите ефекти од примената на антибиотикот, како и развој на антибиотската резистенција во денешно време сè повеќе се наметнува потребата од употреба на ефикасни алтернативни супстанци.
Употребата на препарати кои содржат хербални екстракти од брусница, лист од бреза, коњско опавче, хибискус и останати уроантисептици кои содржат д-маноза, сами или во комбинација со пробиотски бактерии имаат докажан ефект врз уринарниот тракт и водат до ефикасна елиминација на уринарните инфекции кај пациентите, како и спречување на рекурентни инфекции.