Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска ја прими амбасадорката на Република Украина Наталија Задорожњук.
Амбасадорката Задорожњук на средбата ја изрази благодарноста на Владата на Украина за јасната и решителна позиција и поддршка на Владата на Македонија за нејзината земја, и како особено значајно го оцени приклучувањето на Македонија кон санкциите на ЕУ кон Русија, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Димитар Ковачевски во разговорот истакна дека Македонија го осудува чинот на Русија врз Украина, и нагласи дека постапката на Руската Федерација со директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина е флагрантно кршење на меѓународното право.
Ковачевски потенцираше дека Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, воената операција врз Украина ја смета како закана за мирот во Европа и светот, се вели во соопштението од прес-службата на Владата.