Фото: „Нова Македонија“

Управа за јавни приходи информира дека активно работи на реализација на проектот е-Фактура, при што во моментов се одвива тестирање на системот за електронско фактурирање, односно се тестираат сервисите за директна интеграција (API), пренесе МИА.

Од Управа за јавни приходи ги повикаа сите компании кои досега не се вклучиле – особено оние што развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите што користат системи кои можат да се надградуваат – веднаш да се приклучат во тест фазата.

-Вклучувањето во оваа фаза е од особено значење за навремена адаптација пред задолжителната имплементација на системот. Во овој период на тестирање на системот до УЈП пристигнуваат информации дека одредени субјекти нудат обуки и консултантски услуги поврзани со проектот е-Фактура. Укажуваме дека исклучиво УЈП дава официјални информации, насоки, известувања и организира обуки поврзани со проектот е-Фактура и нагласуваме дека тие субјекти не се дел од проектот. УЈП не презема одговорност за информациите и толкувањата изнесени од истите. Сите информации поврзани со проектот е-Фактура се објавуваат на официјалната веб-страница на УЈП http://www.ujp.gov.mk/, на специјализираната веб-страница на проектот https://efakturawiki.ujp.gov.mk/mk-mk/home и на страниците на УЈП на социјалните мрежи, соопшти УЈП.

Воедно, за поддршка на компаниите во процесот на имплементација, назначени се даночни агенти вработени во Управа за јавни приходи, кои веќе контактираат со фирмите и обезбедуваат совети за вклучување и користење на системот.

-Апелираме сите заинтересирани страни за системот е-Фактура своите прашања и сугестии да ги упатуваат кон [email protected]. Најавуваме дека набргу ќе биде овозможено тестирање и на рачниот внес на фактури преку веб и клиентска апликација, кои се очекува да ги користат трговците кои издаваат и/или примаат мал број фактури, кои не користат системи за фактурирање или кои користат системи, но немаат можност за надградба, се наведува во соопштението на Управата за јавни приходи.