Во периодот од 15 август до 15 септември, а со цел спречување на растот на цените на училиштниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година и заштита на животниот стандард на граѓаните, како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, Владата донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10 отсто во трговија на големо и најмалку 15 проценти во трговија на мало.
Како што соопшти владината прес-служба, со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10 отсто во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало.
-Одлуката се однесува на период од 15 август 2025 година до 15 септември 2025 година, а трговците се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 1.6.2025 година, која цена се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето – се наведува во соопштението.
Исто така, од Влада додаваат дека пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15 отсто, стои во владиното соопштение.