Фото: Влада

Основното училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче добива нова спортска сала. На денешното поставување камен – темелник присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

Градоначалникот Митески појасни дека проектот е финансиран од Министерството за образование и наука и изнесува 30 милиони денари.

Тој рече дека за првпат ова училиште во Долно Лисиче по 70 години од неговото формирање, добива нова спортска сала. Митески најави и решавање долгогодишен проблем во Долно Лисиче – комплетна реконструкција на водоводната мрежа.

Министерката Јаневска, исто така, изрази задоволство од денешниот настан.

– Трчањето релаксира, шутирањето кон голот дава концентрација и самодоверба, а групните игри развиваат планирање, критичко мислење и секако, покрај физичката активност, физичкото, нуди и психична стабилност – рече министерката.

Таа нагласи дека Министерството за образование и наука во моментов вложува околу две милијарди денари за подобрување на инфраструктурата на училиштата. Како што додаде, во соработка со Владата и локалната самоуправа, продолжуваат и понатаму за подобри услови за сите деца.

Премиерот Мицкоски рече дека ова е убав ден за општина Аеродром, затоа што конечно ова училиште добива спортски објект, каде ќе можат да спортуваат повеќе од 200 деца.

– Јас сум денеска среќен затоа што еве поставивме еден камен – темелник на еден објект, што за 10 месеци од денеска ќе биде место каде повеќе од 200 дечиња ќе спортуваат, ќе се дружат, ќе го градат својот дух и јас сум сигурен – колку повеќе вакви објекти, колку повеќе корисници на ваквите објекти, толку поздрав дух и толку понапредно општество ќе имаме, општество што ќе биде дом за сите- истакна премиерот во изјава за медиуми.

Површината на спортската сала, како што е најавено, е 650 м2, а вредност на инвестиција изнесува 31.989.202,00 денари, средства обезбедени од Министерството за образование и наука.