Министерството за образование и наука деновиве на училиштата ќе им достави упатство како треба да се постапува во случај на хибридни закани. Упатството е подготвено од Министерството за дигитална трансформација, а МОН во него додава неопходни правила или препораки кои треба да се користат при дојави за поставени експлозиви како што се случи во петокот.
Упатство креирано од МВР беше проследено пред две години кога училиштата во државава, есента 2022 и пролетта 2023, речиси секојдневно добиваа лажни дојави за бомби.
Министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање денеска рече дека тоа не било лошо упатство, но дека се потребни дополнителни заштитни мерки кои училиштата треба да ги спроведат со оглед на брзите промени во електронските доставувања во светот.
-Покрај останатото, на училиштата им се препорачува, односно се бара од нив, да ги користат само официјалните адреси на Министерството за образование и наука затоа што, како што кажавме и минатата недела, лажните закани односно тој хибриден напад беше спроведен на други адреси, приватни или со други провајдери. Ќе треба малку време, но доколку училиштата се придржуваат на правилата, се надевам дека таквите напади ќе бидат многу многу отежнати и ние полесно ќе се справуваме со нив – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Тоа не значи, додаде министерката, дека нема сериозно да се земат предвид и заканите што ќе стигнат на приватна е-адреса. Појасни и зошто се инсистира на користење на службената е-пошта.
-Кога имаме сајбер напади на државата, тоа вообичаено се случува кај оние мејлови кои не се доволно заштитени. Ние велиме дека постои заштита на мејловите од МОН односно на мејловите од државата. И тогаш кога ги користиме нив, ние сме најбезбедни. Доколку се случи и на некој друг мејл училиштето да добие закана, процедурата од МВР е позната и ќе биде постапено, и секогаш ќе се постапува така – посочи Јаневска.
Во упатството кое, рече, ќе биде пратено до училиштата утре или задутре, МОН препорачува и дополнителни мерки за кои се одговорни општините, како поставување камери и ангажирање обезбедување на училиштата.
-Даваме препораки за учениците да бидат безбедни, но секако ќе направиме мониторинг на извршување на препораките – соопшти Јаневска.
По дојавите за експлозиви, кои во петокот беа примени во училишта низ целата држава, беше формиран меѓуресорски кризен штаб за подобрување на кибер-безбедноста и, како што соопшти Јаневска, неговите членови продолжуваат да работат.