Тони Гламчевски,
наш постојан дописник од Париз
Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа ги охрабрува европските локални власти да ги решат празнините во наставата по регионална историја, со констатација дека пристапот до примарни извори останува проблем во наставата по регионална историја.
Наставата и предавањето на регионалната историја, и во формалното и во неформалното образование, поттикнува чувство на припадност. Додека глобалните и националните наративи се неопходни за разбирање на главните трендови и општите движења, регионалната историја нуди почовечка перспектива, тесно поврзувајќи ги младите луѓе со нивната заедница, култура и наследство е еден од заклучоците на Конгресот на Советот на Европа, кој расправаше на оваа тема во Стразбур.
Регионалната историја ги зајакнува вештините за критичко размислување на учениците, вклучително и нивната способност да ги деконструираат националистичките наративи кои тврдат дека имаат еднострани или ексклузивни права врз регионот. Понатаму, проучувањето на регионалната историја може да им помогне на младите луѓе да ги препознаат псевдоисториските аргументи што ги користат државите со ревизионистички амбиции. Известувачот, Холанѓанецот Петер Дрент од групата на Народните партии, тука заборава да наведе декa и Бугарија во својот однос кон Македонија развива и држи ист говор и однесување кон Македонија и македонската историја, јазик и култура.
Сепак, признава тој регионалната историја е потценета и, во повеќето европски земји, во голема мера отсуствува од наставните програми и учебниците по историја. Наставниците честопати немаат обука, материјали и ресурси, вклучително и пристап до примарни извори. Наративите за локалната историја честопати пренесуваат предрасуди и пристрасност. Но колку се моќни наставниците во вакви случаи, како тој на Бугарија, кога официјалната доктрина започнувајќи од Академијата, па се до Парламентот се на истата линија за негирање на се што е македонско, прикажувајќи ги само нивните видувања за историјата на регионот како вистински, додека сите други ги отрфрла. Штета е што Конгресот на Советот на Европа не се осврна на овој проблем поврзан со толкувањето на историјата кога се зборува за регионалната историја, кој ја кочи Македонија на патот кон Европската Унија и ја блокира нејзината иднина. Да не пишуваме и за односот на Грција кон Македонија и наметнувањето на нејзината визија за античката историја на регионот, во кој сите биле Грци. Еден наш соговорник во Стразбур, заборавајќи на оваа тема само констатира – па зошто тогаш Александар Македонски, ако бил Грк, не го нарекле Александар Грчки!
Истиот наш соговорник, инаку со потекло од поранешните југословенски простори, беше изненаден и многу малку запознаат, да не речеме дека ништо не знае со голготата на Македонците од Грција, за децата бегалци, за Граѓанската војна, за присилната асимилација на Македонците, за менувањето на топонимите, за бришењето на трагите на македонската култура и споменици во Грција. Всушност, историски факти кои Европа не сака да ги види и ги става под тепихот на заборавот. А притоа продолжувајќи ја неправдата кон Македонците и кон македонската држава. Еден угледен француски историчар, кој важи за голем специјалист за Балканот, во една прилика кога бев млад предавач за геополитиката на Македонија на катедрата по Македонски јазик и цивилизација на ИНАЛКО, преку заедничките студенти што ги имавме ми порача: – дека јас како Македонец не можам да предавам за историјата на Македонија, како одговор на неговата провокација преку истите студенти му одговорив дека во тој случај Французите н можат да предваат за нивната историја и со аргумент дека историјата на регионот на Балканот и Македонија и особено лингвистиката ја стекнав кај истакнати француски професори – следбеници на основоположниците на славистиката во Франција Андре Мазон и Андре Вајан на Универзитет во Франција во Нанси кај професорите Виктор Балалаеф и Драган Недељковиќ.
Но, да се вратиме повторно на Конгресот на локални и регионални власти преку дебата се обиде да го зацрта тоа што можат да направат регионалните власти за да го промовираат и зајакнат инклузивното и плуралистичкото учење за регионалната историја во корист на наставниците, учениците и регионалните заедници низ целиот континент.
Како може да се подобри наставата по регионална историја?
Во усвоената препорака, Конгресот ги повикува локалните и регионалните власти да ја препознаат важноста и комплементарноста на регионалната историја заедно со националната, европската и, пошироко, меѓународната историја и да соработуваат со националните власти за да се обезбеди доволно време, простор и ресурси за настава по регионална историја во училишните наставни програми. Потоа дека треба да се гарантира соодветна обука на наставниците и достапност на квалитетни наставни материјали, особено за чувствителни, контроверзни и трауматски теми во регионалната историја, а воедно да се избегнуваат еднострани регионални наративи или пристрасности.
Понатаму, Конгресот е на мислење дека треба да се поддржи и поттикне создавањето дигитални збирки на историски извори (пишани, усни, материјални и визуелни) и составувањето листи и мапи на споменици, археолошки и историски локалитети, музеи и архиви во регионот. Треба да се имплементираат образовни иницијативи што вклучуваат локални и регионални музеи, архиви и други партнери за локално наследство. Важно е, според Конгресо да се обезбеди дека наставата по регионална историја ја вреднува регионалната разновидност, вклучувајќи ги малцинствата и маргинализираните заедници.
Размислувањето за учењето на регионалната историја може да биде од голем интерес, но се разбира ако тоа се прави на рамноправна основа со покажување на сите аспекти, без никакво наметнување на сопствената визија на другиот. Но поучени од искуството на Македонија со Бугарија и Грција, тешко е да се поверува дека овие две земји би прифатиле да го променат нивниот начин на предавање на историјата, врз кој е изграден нивниот национален мит, не признавајќи го тој на својот сосед.

































