Ивана Василевска-Петровска / Фото: Приватна архива

Проектот на „Пристапно дигитално образование за ученици со аутизам и интелектуална попреченост: иновативни решенија и подобрување на компетенциите на едукаторите“ има за цел да го намали образовниот јаз поради кој овие ученици немаат еднакви можности да ги искористат придобивките од дигиталната технологија како останатите, истакнува Ивана Василевска-Петровска

Наоѓањето соодветен притпап во совладувањето на предизвиците во образованието на учениците со попреченост претставува секојдневен императив за стручните лица посветени на професијата. Тоа е професија која бара постојана надградба и унапредување како на сопствените вештини и знаења, така и во примената на современите дигитални алатки приспособени на можностите на учениците со одредени ограничувања во совладувањето на образовните задачи.

– Дигитализацијата во образованието има огромен потенцијал да го подобри пристапот до можности за учење и да ги намали бариерите за учениците со аутизам и интелектуална попреченост, но исто така може да ја потенцира или да ја зголеми постоечката нееднаквост и сегрегација. Како што покажа искуството во време на пандемијата на ковид-19, токму учениците со когнитивни разлики (првенствено аутизам и интелектуална попреченост) се најзасегнати од ризикот што го носи непристапната дигитална технологија во образованието. Пристапноста за овие ученици подразбира многу повеќе од набавка на ИКТ-опрема или стабилен интернет пристап. Пристапноста значи алатки и содржини кои можат да се прилагодат на начинот на кој учениците учат, и на нивниот индивидуален сензорен профил – вели Ивана Василевска Петровска, координаторка на проектот ISEC-ADE „Пристапно дигитално образование за ученици со аутизам и интелектуална попреченост: иновативни решенија и подобрување на компетенциите на едукаторите“.

Василевска-Петровска, која е магистар по специјална едукација и рехбилитација во областа на интелектуална попреченост и аутизам, соосновач и програмски координатор на Аутизам Институт, објаснува дека овој проект има за цел да го намали образовниот јаз поради кој овие ученици немаат еднакви можности да ги искористат придобивките од дигиталната технологија како останатите. На почетокот на 2022 година, меѓународниот проектен конзорциум со поддршка од Еразмус + програмата на Европската комисија, започна да развива иновативна дигитална веб-апликација за ученици со когнитивни разлики, и нивните наставници. Основната цел на проектот е преку оваа алатка да овозможи креирање на пристапни, интерактивни и соодветни активности за учење, кои ќе го зголемат квалитетот на образованието за сите ученици.

– Козорциумот ISEC-ADE е составен од партнери од академската заедница, експерти за аутизам и интелектуална попреченост, професионалци од областа на образованието и ИКТ, како и претставници на лицата со аутизам и нивните семејства. Активностите во Македонија ги имплементираат Аутизам институтот и Македонското научно здружение за аутизам, во Кипар- организацијата Шипкон, во Грција – организациите Циклизис и ДАДАА, а во Бугарија- Центарот за специјална образовна поддршка „Д-р Петер Берон“.

На 12 и 13 септември, оваа година, се одржа вториот проектен состанок на кој беа презентирани резултатите од Анализата на потребите на учениците и наставниците во однос на дигиталното образовние во земјите на партнерските организации. Публикацијата која ќе биде достапна на веб страната на проектот isec-ade.eu, претставува извештај за моменталната состојба со дигиталната пристапност во образованието на учениците со когнитивни разлики, и дава препораки наменети за креаторите на дигитални едукативни материјали и алатки.

– Анализата покажува континуирана сегрегација на учениците со аутизам и интелектуална попреченост, чии образовни потреби не се соодветно адресирани, првенствено заради недостатокот на пристапни дигитални алатки и образовни содржини, локализирани на македонски јазик. Но, освен тоа, на наставниците, специјалните едукатори, образовните асистенти и останатите професионалци кои ги поддржуваат овие ученици, им се потребни дигитални компетенции како и методолошки насоки кои ја следат инклузивната и специјалната педагогија, за практична примена на дигиталната алатка и креирање на едукативни материјали и активности. За таа цел, во наредните 3 години проектот ќе обезбеди поддршка и зајакнување на компетенциите на едукаторите, преку бесплатни обуки и ресурси за професионален развој – истакнува Василевска-Петровска.

Координаторката на проектот открива дека веб-апликацијата ќе биде подготвена за тестирање во мај наредната година и ќе обезбеди инфраструктура за дигитално учење во инклузивни и специјализирани услови, како и за учење на далечина. Алатката ќе биде пилотирана во одбрани училишта во Македонија, Кипар, Грција и Бугарија, а врз основа на повратните информации од корисниците ќе биде финализирана до крајот на 2023 година.

– Оваа алатка има широка потенцијална примена во реализација на наставата. Овозможува ангажирање на учениците со интерактивни активности, кои се креирани во согласност со редовната наставна програма, со индивидуалниот образовен план, или согласно развојните области опфатени во модифицираната наставна програма за ученикот. Во наредните три години конзорциумот ISEC-ADE ќе соработува со учениците, едукаторите и семејствата со цел да обезбеди поправично образование за учениците со аутизам и интелектуална попреченост – порачува Василевска-Петровска.