Фото: Маја Јаневска-Илиева

За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна 2024/25 година. Учебната година ќе трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај. Наставата почнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има само за учениците од неколку училишта каде не е завршена на време реконструкција или набавка на опрема, како клупи и столчиња за учениците. Во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која надлежните се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека веќе до училиштата испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае.

Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.

Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.

Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1 000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.

Според МОН, досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а обезбедени се средства и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.

Поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември за 12 отсто, како што бара синдикатот, но зголемување ќе има во март.