Студентите имаат пристап до литература на македонски јазик, меѓутоа има и предмети за кои нема преведени учебници. Проблем е и, лоцираат студентите, што голем дел од учебниците, посебно преведените, не се квалитетни
Основно право на секој студент е да ја изучува областа што ја одбрал на својот мајчин јазик. Меѓутоа, на македонските факултети, сѐ уште можат да се најдат учебни помагала на српски, хрватски, српско-хрватски и на англиски јазик. Според нашите истражувања, на поголемиот дел од факултетите студентите имаат пристап до литература на македонски јазик, меѓутоа има и предмети што сѐ уште никој ги нема преведено, или пак за кои има приредено соодветен учебник. Друг проблем, лоцираат студентите, е што голем дел од учебниците, посебно преведените, не се квалитетни.
– Според Законот за високо образование професорите мораат да објавуваат стручни трудови. Дел од законот не се спроведува, или се спроведува така што се преведуваат трудови, но многу често тие се застарени, не се во тек со научните текови, и кога одат на еваулација се проценуваат како недоволно добри. Од пишувањето на научните трудови зависи и нашата позиција на Шангајската листа, но важен е и буџетот што се издвојува од државата за трудови – вели Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Научните трудови се клучни за образованието, смета тој, а со тоа на повисока позиција се вреднува севкупното македонско образование.
– Литературата што се пишува на македонски не коренспордира со местото на Шангајска листа. УКИМ беше на 450-то место на листата, а сега сме излезени од првите 1.000. Самото рангирање зборува за квалитетот на образованието. А од тоа зависи каква работна сила излегува од факултетот. Сепак, треба да се земе предвид и дека две години имавме онлајн-настава, па и тоа може да придонесе за квалитетот на работната сила. Дипломата што се добива како завршен студент, ако се добива од факултет што котира ниско на листата, нема да значи многу во европски и во светски рамки. Да си на 1.500 место на Шангајска листа и да отидеш да работиш во странска фирма, твојата диплома нема да значи многу – вели Темелковски.
Според него, клучен проблем е немањето доволно финасиски средства за објавување стручна литература и научни трудови.
– Не се само професорите виновни што не пишуваат доволно трудови. Проблем е буџетот кој е многу низок, и на некој начин сме врзани во круг. Темата е осетлива, нема да кажеме дека некој е виновен, зашто ги разбирам професорите, не се издвојува доволно буџет за да спроведат истражувања што бараат доста високи суми. И професорите имаат нивна страна во приказната, треба да се најде заедничко решение, нивните барања се валидни, ама и нашите се валидни – вели Темелковски.
Целта на УСС годинава е да ја потенцира важноста на научно-истражувачката дејност како столб на образованието и оттаму планираат да иницираат и организираат конференции на кои студентите ќе можат да ги презентираат своите научни истражувања и трудови.
За книги се бараат и спонзори
За тоа дали има доволно материјали од кои треба да учат студентите прашавме и на факултетите.
Од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ велат дека само во периодот од 2000 до 2022 година, како задолжителна или посочена дополнителна стручна литература на македонски јазик во наставно-образовниот процес за нивните студенти на располагање се 94 изданија на книги – учебници, 20 практикуми и 67 интерни скрипти. Истите се напишани од нивни автори – наставен кадар на ФЗНХ.
Книгите се леснодостапни и ги има во матичната библиотека на Факултетот, скриптарата на Факултетот, како и во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
– Во дополнителната предложена литература во одделни студиски програми се наоѓаат и изданија на странски јазици (српски, хрватски, англиски, француски и други јазици), што апсолутно претставува придобивка за сите оние што ги владеат тие јазици. Факултетот континуирано прави напори со сопствени средства да даде придонес во издавачката дејност, а дел од испечатените изданија се финансирани од стопанството и/или од самите автори- професорите. Исто така, преку одредени проектни активности објавени се и поголем број на прирачници од областа на земјоделството, кои може да ги користат сите оние што се заинтересирани за оваа област – вели проф. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава при ФЗНХ.
Студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, велат оттаму, генерално се држат до современите трендови на развојот во полето на технологијата и металургијата, па во вториот и третиот циклус од студиите многу често учат и од литература на англиски јазик.
– Прогрес во полето на соодветна литература на македонски јазик има бидејќи согласно критериумите за напредување во звања на наставниот кадар се бара да имаат во период од пет години издадено учебник, збирка задачи или лабораториски практикум за вежби. За да се подобри состојбата во наставата, потребно е најпрвин да се подобри состојбата во науката на факултетите бидејќи тие се во силна спрега. За таа цел потребно е зголемување на вложувањата од страна на државата во науката (најмалку 1 отсто од БДП), а потоа и промена на критериумите за напредување во звања и избор на наставниот кадар на факултетите – вели проф. д-р Јадранка Блажевска-Гилев од Технолошко-металуршкиот факултет.
Плаќаме сами, државата да го зголеми финансирањето за наука
Од Филозофскиот факултет во Скопје велат дека во континуитет објавуваат научни трудови, учебници и студии, меѓутоа генерално секое издание е самофинасирано. За да се надмине проблемот, велат оттаму, единствено решение е повторно да се оддели науката како посебно Министерство, да се зголеми процентот на финансирање од буџетот за научни проекти и публикации.
– Најголем број научни списанија (12), кои ги финансираме од сопствени средства (делумно за хуманистички науки добиваме поддршка и од Министерството за култура) се издаваат двојазично: на македонски и англиски јазик токму поради развојот на научната терминологија на мајчиниот јазик и за потребите на нашите студенти на сите циклуси. Филозофскиот факултет е меѓу ретките кои самостојно финансира објавување на учебници и монографии за студентите според своите можности. Ако на тоа ги додадам и преводите на значајни филозофски, историски и научни книги на македонски јазик, како и објавувањето на двојазични монографии, нашите студенти немаат проблем со достапна литература на македонски јазик – вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет при УКИМ.
Треба ли да се подели Министерството за образование и наука?
Дуев предлага дека за полесно да се реши проблемот со објавувањето публикации и научни трудови, најдобро е Министерството за образование и наука да се одделат, посебно да биде образованието, посебно науката.
– Во минатото Минстерството за наука беше задолжено за финансирање на високошколски учебници. Со неговото укинување, високо образовните институции се соочија со големи проблеми во делот на финансирање на научно-истражувачките проекти, учебниците и монографиите. Така професорите и институциите беа оставени сами на себе, да бараат разни извори на финансии за печатење и издавање на научна литература што во голема мера го намали бројот на научни дела на македонски јазик. За да се надмине проблемот единствено решение е повторно да се оддели науката како посебно Министерство, да се зголеми процентот на финансирање од буџетот за научни проекти и публикации – вели проф. д-р Дуев.
Од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, пак, велат дека речиси цела литература е на македонски јазик, иако, се наоѓа и литература на српски и хрватски јазик. За да се надмине овој пробем, оттаму велат дека мора да се помогне институционално, со инвестирање во науката.
– Скоро сите предмети се покриени со учебни помагала, стручна литература на македонски јазик. Имено, со Проектот на Министерството за образование „Превод на 1.000 стручни и научни книги и учебници“, ние од 2009 до 2021 година добивме 72 наслови на учебници, кои се преводи од реномирани светски универзитети и со тоа се реализира потребата студентите да учат на македонски јазик. По предметите како анатомија, хистологија, рентгенологија итн, има атласи со слики, кои се важни за овие предмети. Секако, и наставниот кадар речиси од сите катедри имаат издадено учебни помагала. Проблемот со учење на немајчин јазик реално би се надминал доколку има поголема поддршка од соодветните институции во смисла проекти, инвестирање во наука, кои ќе резултираат и со поголемо издаваштво на стручна литература – тврди Билјана Стефановска, советничка за библиотечно работење на Факултетот за ветеринарна медицина.
На штипскиот универзитет студентите не плаќаат за книги
Мишко Џидров, проректор за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, тврди дека е неопходно на студентите да им се овозможи литература на македонски јазик.
– Сите професои имаат законска обврска да имаат издадено учебник по предметот што го предаваат. Така што таков проблем на нашиот универзитет немаме. Објавените книги не ги наплаќаме, студентите можат сами да си ги симнaт од електронската библиотека. На времето јас учев од српско-хрватска литература, ама тоа не е во ред. Професорите треба да најдат време, може и во тимови да работат, ама мора да се направи македонска верзија на тоа што го предаваат. Сметам дека во 21 век не е соодветно да нема учебници и книги на македонски јазик – смета Џидров.
„Фотокопирниците ја уништуваат нашата издавачката дејност“
На Економскиот факултет во Скопје, литературата со која располагаат студентите е на македонски јазик, меѓутоа, за оние што тоа го сакаат, истата е достапна и на англиски.
– Нашата литература задолжително е обезбедена на македонски јазик, истата литература ја има и на англиски јазик. Осумдесет отсто се стандардни предмети. Секој професор мора да има обезбедено учебник по македонски јазик. Мора да имаме литература и на англиски јазик, зашто може да дојде и студент од друга земја, или, пак некој од нашите студенти може да сака на англиски да учи. Нема српско-хрватска литература. Немало ни потреба последниов период, книгите се стандардизирани, не е ни важно на кој јазик ќе се чита, истите се. Нашиот проблем се фотокопирниците, кои ја уништуваат издавачката дејност. Творештвото на наставниците е убиено од фотокопирањето. Новите студенти учат од скрипти, многу им се 500 страни од книга, па често знаат да бараат скратени верзии – вели проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет.
Информатиката и технологијата најдобро е да се изучуваат на англиски јазик
Има и факултети каде што изучувањето на предметите на македонски јазик, не носи напредок, односно е потребна литература на англиски јазик, со цел да се следат последните научни истражувања во светот.
– Во нашата професија не охрабрувам форсирање на македонскиот јазик од неколку апсекти: Во информатиката динамично брзо се менуваат технологиите и науката. Нема време да се преведе нешто. Додека се преведе, ќе излезе ново и преведеното ќе биде веќе застарено. Нашата држава е малечка, нашите експерти треба да работат на глобално ниво, работат за надвор и носат пари во Македонија. Тие мора да бидат вешти со англискиот јазик и треба да бидат спремни за сите технички термини. Со оглед на тоа дека динамично се менува науката мораат да учат од интернет и да следат на англиски јазик. Ако ги учиме на термини на македонски јазик многу потешко ќе се снајдат во информатиката. За да можат цел живот контиунирано да учат, не мислам дека е корисно да им се преведуваат книги. Можеби само за базичните предмети, основни програмирања или математика, меѓутоа за наука што многу брзо се менува, мислам дека нема простор за преводи – вели проф. д-р Иван Чорбев од ФИНКИ.