Државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и треба да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки. Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми.
Ова го порача евроамбасадорот Дејвид Гир, на отворањето на Регионалната конференција за борба против корупцијата, што се одржува денеска во Скопје во рамки на соработката со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.
Според Гир убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати, нагласувајќи дека денешната конференција ја става корупцијата во поширок регионален контекст и кажува дека е заеднички предизвик што најдобро може да се решава преку соработка и размена на добри практики.
– ЕУ, заедно со земјите членки, ОН и другите меѓународни партнери ќе ги поддржат нашите партнери од Западен Балкан во нивните напори за подобрување на демократијата, јавната доверба во институциите и да се направи еднакво поле за натпревар, конкурентност и еднакви можности за сите – изјави Гир.
Борбата против корупција и за промоција на владеење на право е тешка, подвлече Гир, бидејќи вклучува отстранување на елити и воспоставени интереси кои што функционираат на ниво на криминал и корупција, но и се потпира на менување на навиките на луѓето, граѓанското општество и медиумите.
– Сите истражувања укажуваат на уништувачкиот ефект на корупцијата врз образовните и работните можности и тоа се клучните фактори кои што ги бркаат младите од државата, изјави Гир.
Корупцијата, посочи Гир е предизвик во секоја држава и напорите против корупцијата треба секогаш да се обновуваат и прилагодуваат на новите можности и предизвици со кои се соочуваат нашите општества, било тоа да се дигитализацијата, глобалната пандемија, енергетската криза или влијанието на руската војна против Украина.
Според ЕК трошокот од корупцијата врз економската економија е 20 милијарди евра годишно и борбата против корупцијата, заедно со владеењето на правото се клучните принципи на Унијата.
– Скорешните настани во срцето на ЕУ, во Европскиот парламент покажаа многу сликовито со какви проблеми се соочуваме и ние во ЕУ. Одговорот на таквите ситуации се базира на ефикасноста и брзината на правосудниот систем да се справи со тие наводи и институциите да одговорат и ги решат сите слабости кои што овозможиле да се случи тоа – изјави Гир.
Пристапниот процес, според Гир, е огромна можност за предводење на промените во градење на поотворено и поотчетно општество. Сега е моментот, порача Гир на медиумите и граѓанското општество, да бидете најмногу ангажирани.
– Сега имате можност за промени и ние сме тука да ве поддржиме сите – порача евроамбасадорот Гир.
Грковска: Фокусирани сме на унапредувањето на транспарентноста како алатка за борба против корупцијата
Транспарентноста на институциите мора да биде приоритет за сите нас. Само преку унапредување на транспарентноста, ќе ја зајакнеме отчетноста и контролата. Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати, да создадеме услови за владеење на правото и еднаквост на институциите, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Таа на денешната регионална конференција за борба против корупцијата во Скопје, рече дека корупцијата не познава граници, ниту пак може или смее да се третира изолирано.
-Нема општество, нема институција, потполно имуна на корупција. Случајот со потпретседателката на Европскиот Парламент покажува дека тоа не е предизвик со кој се соочува една институција од една земја, не е предизвик само на еден регион, туку интернационален проблем кој никогаш нема да биде сосема искоренет. Факт е дека има многу примери за корупција насекаде, но исто така е факт дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на ваквите појави, рече Грковска во своето обраќање.
Таа посочи дека со нејзиниот кабинет фокусирани се на унапредување на транспарентноста, бидејќи тоа е сериозна алатка за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Целта е, како што рече, обезбедување целосна транспарентност, особено за начинот на кој што се трошат јавните пари.
Грковска потенцираше дека треба да ја зајакнат довербата на граѓаните во институциите, а тоа ќе го постигнат само ако докажат дека со професионална, ефикасна и одговорна работа застануваат на патот на криминалот и корупцијата.
-Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус кво состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како до сега, едноставно веќе нема да може, додаде Грковска.
Таа додаде дека изминатиот период, од крајот на јуни минатата година кога владини претставници од земјите од Западен Балкан во Охрид го усвоија регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови за брзо следење на спроведувањето на Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата, нивната меѓусебна соработка е интензивирана и значајно попродуктивна.
Како што рече, се почесто се нотира потребата и значењето на ефикасното искористување на меѓународните и регионалните мрежи за спроведување на законот и судска соработка како значајна алатка за борба против корупцијата и организираниот криминал.
– Особено сум задоволна што во целиот овој процес имаме тесна соработка со граѓанскиот сектор. Од една страна е коректив на власта, но од друга страна со својата експертиза и значење може да даде значаен придонес во оваа наша заедничка битка. Пред нас има уште многу работа – додаде Грковска.
Според вицепремиерката, мора да работиме на зајакнување на сите можни капацитети, на зајакнување на сите институции надлежни за справување со корупцијата и организираниот криминал, на создавање на професионални, одговорни и отчетни институции.
Целта на денешната конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот, во контекст на Берлинскиот процес.
На конференцијата, покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваат и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.