Фото: Пиксабеј

Полициски службеници на Министерството за внатрешни работи го уапсија директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев (41) од Кочани, под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра.

Против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за делото „примање поткуп“.

Според МВР, осомничениот како службено лице, преку шпедитер побарал поткуп од сопственик на фирма за увоз, со цел да овозможи непречено внесување на стока за која претходно биле утврдени неправилности.

Вкупниот износ што бил побаран изнесувал 100.000 евра, предвиден да се исплати во три рати – 50.000 евра веднаш и две дополнителни рати по 25.000 евра.

Апсењето било извршено на 19 март, во моментот на примопредавање на првата рата. Парите првично ги презел шпедитерот, а потоа требало да му ги предаде на осомничениот.

По преземањето на средствата, полицијата спровела оперативни мерки и извршила претрес, при што парите биле пронајдени под совозачкото седиште во возилото и биле одземени.