Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДИРЕКТОРКАТА НА ДРЖАВНИОТ ИСПИТЕН ЦЕНТАР ДЕЦИДНА

Вака како што е поставен системот, дозволува прекршоци, иако нема пријавено. Уште во почетокот, кога се правеше концептот, беше замислено полагањето да се одржува во големи спортски сали или во амфитеатри, да има повеќе чувари внатре и да има блокатори за мобилен телефон, но таква опрема никогаш не е набавена, вели Елизабета Наумовска

Досега кај нас во Државниот испитен центар никој од тестаторите нема пријавено некаква нерегуларност на денот на полагање на првиот испит по мајчин јазик, кој се одржа викендов, но, сепак, системот треба да се зајакне, за да нема вакви појави, смета Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, институцијата што го организира целиот процес.

Во минатото се случувале инцидентни случаи. Во училниците, учениците ги чуваат тестатори, односно наставници од други училишта. Целиот процес се набљудува од 2.000 наставници. Во секое училиште беа пратени и набљудувачи, претставници од ДИЦ, од Бирото, Центарот за стручно образование и од Министерството за образование и наука, но, сепак, не може во секој момент да следат буквално сѐ што се случува во училниците – вели директорката.

Според неа, некој можеби и се обидел да мами, но нема официјална пријава за нерегуларности.
Вака како што е поставен системот, дозволува прекршоци. Тоа треба да се избегне. Државната матура уште во почетокот, кога се правеше концептот, беше замислено да се одржува во големи спортски сали или во амфитеатри, да има повеќе чувари внатре и да има блокатори за мобилен телефон, но таква опрема никогаш не е набавена. Исто така, според Правилникот, ако некој дозволи препишување, треба да одговара за тоа, но во практика никој не презел досега таква одговорност. Овој систем на полагање не е баш најдобриот, бидејќи некаде наставник нема да дозволи препишување, а во друга училница, наставникот ќе дозволи, а тоа не треба да е така – вели директорката.

Во минатото, според неа, немало никакви дисциплински мерки ако некој тестатор ги прекрши правилата и дозволи нерегуларности внатре во училницата.
Сметам дека треба да има блокатори, иако не знам дали училиштата ќе можат да си ги дозволат. Дури и во наставниот процес треба да го има тоа како можност, да не можат учениците да користат мобилен телефон. Разговаравме веќе со министерката Царовска на оваа тема, јас ја отворив и оваа проблематика, бидејќи сум човек од практиката. Двете констатиравме дека е многу битно да се обезбедат квалитет и објективност – додава Наумовска.


Од над 15.000 матуранти, само двајца не се појавиле на полагање

Процесот на организација на државната матура беше успешен, немаше никакви технички забелешки. Отсуства речиси и немаше, освен еден ученик, кој имал температура, и друг, кој имал операција на слепо црево. Други отсуства не беа пријавени.
– Треба да ни се достават решенија издадени од Државниот здравствени санитарен инспекторат за изолација, кои потоа ние ќе провериме дали се валидни. Потоа ќе им се овозможи да полагаат на 25 и на 28 јуни. Оние што отсуствуваат од друга причина, која нема врска со ковид, треба да достават медицински документ, па ќе можат да полагаат на 11 и на 13 август. На овие датуми во август ќе може да полагаат и оние што сега ќе добијат единица. Сите други што нема да се задоволни со оценката, имаат право да поднесат приговор – информира директорката.

Инаку, оценувачите од завчера почнале да ги оценуваат тестовите по мајчин јазик. Тие не знаат кој тест чиј е, за да не може да влијаат на оценката.
Работат од 8 наутро до 8 навечер. За Македонски јазик се пријавени околу 60 оценувачи-наставници, а околу 10.000 полагаа само Македонски јазик. Никој не знае чиј тест прегледува, бидејќи нема имиња, има шифри. Прво прегледува еден, оценува, па втор, па трет и за да се формира оценка на крајот се состанува оценувачкиот тим. Работат по методологија што утврдува праг на положеност – појаснува Наумовска.