Групацијата за производство на цигари и Здружението на производители на тутун и тутунски производи при Стопанската комора на Македонија изразија сериозна загриженост поради новиот Предлог-закон за заштита од пушење, по денешната изјава на министерот за здравство Азир Алиу.
Во реакцијата се наведува дека и покрај конструктивниот пристап и доставените анализи и предлози, ниту една од забелешките на индустријата не е вградена во новата верзија на законското решение доставена од Министерството за здравство.
Групацијата, во која членуваат Philip Morris International, Imperial Brands, British American Tobacco и Japan Tobacco International, посочува дека предложениот текст воведува несразмерни ограничувања кои негативно ќе влијаат врз легалното работење.
– Иако формално се повикува на заштита на јавното здравје, предложениот закон реално создава сериозни последици за економијата и легалниот пазар – наведуваат од индустријата.
Тие предупредуваат дека новите мерки нема да доведат до намалување на употребата на тутун, туку ќе го поттикнат растот на нелегалната трговија, која веќе достигнува 13 до 14 проценти од пазарот.
Според нив, прекумерните рестрикции може да резултираат со зголемен шверц, набавка на небезбедни производи од соседните земји и значително намалување на буџетските приходи.
Од групацијата потсетуваат дека тутунскиот сектор е важен дел од економијата, кој опфаќа земјоделство, производство, извоз, угостителство и над 5.000 малопродажни објекти.
Во последните пет години, како што наведуваат, државата остварила повеќе од 1,125 милијарди евра приходи од акцизи, додека само минатата година приходите достигнале околу 350 милиони евра од даноци и царини, како и над 200 милиони евра од откуп на тутун.
Од индустријата бараат од Министерството за здравство поголема транспарентност и инклузивност во процесот, како и донесување решенија засновани на докази и усогласени со европските практики.
– Остануваме подготвени да придонесеме со експертиза од над 180 пазари во креирање одржливо и применливо законско решение, во интерес на јавното здравје и економијата – наведуваат од групацијата.































