Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Александар Ѓорчевски, по денешното судење истакна дека Обвинителството уште еднаш потврдило дека нема аргументи против таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, додавајќи дека тој е неосновано обвинет.
Туфегџиќ подвлече дека Обвинителството треба да се фокусира на дискредитирање на исказите, а не на личноста на обвинетиот.
-Јавниот обвинител смее да дискредитира исказ, но не и личност на обвинетиот. Тука се почувствува еден малку понижувачки однос кон Александар на прашањата кои се однесуваат и се од лична природа. Ова денеска значеше проверка на исказот на Александар кој го даде во директното испрашување и проверка на сите искази на Александар кои ги даде во текот на целата оваа постапка, вклучително и полициска и истражна постапка и постапка пред јавен обвинител. Можам да констатирам дека јас лично сум задоволен и во основа нема никаков основ, ниту аргумент Јавното обвинителство понатаму да го држи Александар со вакво обвинение – рече тој.
Адвокатот изрази увереност дека правдата ќе биде задоволена, додавајќи дека конечната одлука ја носи Судот.
-Ќе се воздржам од очекувањата, мислам дека ќе проработи свеста и совеста на Обвинителството. Секако сум сигурен и убеден дека и тие се сигурни и убедени дека докрај не може да додржи обвинението кон Александар, но да причекаме. Ќе го видиме тоа некаде пред завршните зборови дали обвинителот ќе се охрабри тоа да го направи. На крајот на краиштата конечната одлука ќе ја донесе Судот – дополни тој.
Во врска со прашањата зошто договорите за дар на становите на Вања и Миња сѐ уште не се солемнизирани, адвокатот рече дека не заслужуваат никаков коментар.
-Не заслужува никаков коментар бидејќи јавниот обвинител освен тоа што е факт дека не е до крај завршена процедурата за солемнизација на договорите, тие договори и тие трансакции не ги довел со ниту еден доказ во ниту една конотација со ваков грозоморен чин и со вакво убиство. Во тој дел и самиот Александар неколку пати го праша обвинителот да му појасни на што точно алудира и тука завршува мојот коментар – рече тој.
Претходно денеска таткото на Вања одговараше на прашања од Обвинителството кое се обидуваше да го дисквалификува. Тој одговараше на вкрстени прашања поврзани со неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа. Ја критикуваше полицијата, наведувајќи дека не видел конкретни чекори за пронаоѓање на Вања.
Ѓорчевски денеска одби да одговара на прашањата на Палевски, кажа само дека не го познава. „Немам коментар“ беше одговорот на прашањата поставени од обвинетиот Љупчо Палевски. Тој одговори единствено на првото прашање на Палевски, во врска со тоа дали слушнал дека има комуникација со кој било член од неговото семејство, при што замоли веќе да не одговара на прашањата од Палевски.
Останатите обвинети и нивната одбрана, како и судот, немаа прашања за Ѓорчевски.
Судењето продолжува во понеделник, на 14 март, со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.