фото: Маја Јаневска - Илиева

Во недостаток на аргументи и докази за кривичното дело кое ѝ се става на товар на Симонида Црвенкова, многу е некоректно Обвинителство да се служи со сведоци кои ќе изнесуваат неосновани лични дискредитации, вели адвокатот Владимир Туфегчиќ, бранителот на онокологот Црвенкова, обвинета во случајот Онкологија 1, за несовено лекување на пациенти.

Прашан за коментар на изјавата на еден од оштетените сведоци на денешното рочиште за случајот, дека не ѝ било побарано, но дала средства за лекување на нејзинат мајка, бранителот на Црвенкова, рече дека „секој кој ја познава Симонида Црвенкова знае дека тоа апсолутно не е точно“.

– Предмет на ова обвинение е несовесно лекување на болни и во таа насока, ниту еден од денеска сослушаните сведоци не изнесе ниту еден аргумент што доктор Симонида Црвенкова направила за да се стекне впечаток дека таа несовесно постапила кон некој од пациентите – изјави Туфегчиќ.

Во однос на првиот сведок, Туфегчиќ, рече дека во случајот со нејзината мајка се работи за галопирачки канцер и на бели дробови и на бубрезите.

– Едноставно ситуација која никој не ја посакува и каде што докторите прават она што може да направат, но не може да спасат ничиј живот во една таква состојба на работите. Она што е најбитно, сите денеска сослушани сведоци многу добро знаеле во конкретниот случај се работи за неизлечива болест, потврдија дека доктор Симонида направила сѐ што е во нејзина моќ, така што, зачудува само оној факт и тука сум во дилема, дали тие воопшто ги разбрале поуките на судот, сите и покрај тоа да се приклучат кон оштетното побарување и кривичниот погон – изјави Туфегчиќ.

Според Туфегчиќ, ова е премногу стручна тема, на која одговор, како што нагласи, веќе дале стручни луѓе.

– Оставам дека сведоците изнесуваат свои лични перцепции на работите. Сите ние посакуваме нашите најблиски да се излечат од ваква болест во ситуација кога ќе дојде до такво нешто, меѓутоа длабоко сме свесни дека тоа е невозможно – изјави Туфегчиќ.

Денеска пред Судот беа сослушани повеќе оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.