Во Уставниот суд се одржа третата тркалезна маса во рамки на активностите за јакнење на владеењето на правото. Настанот беше организиран од Уставниот суд, во соработка со Делегацијата на Европската Унија преку проектот ИПА 3 и со поддршка и експертски совет од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Целта на настанот, како што информираат од Уставниот суд, беше да се поттикне експертска и институционална дискусија за унапредување на постапката за заштита на човековите права и основните слободи преку анализа на новиот Акт на Уставниот суд и неговата примена во пракса.
Воведни излагања имаа претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и Русудан Табатадзе, раководител на Одделот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски истакна дека со донесувањето на новиот Акт Судот направил значајни поместувања во поглед на работењето и можноста за унапредување на апстрактната контрола. Сепак, тој посочи дека, според неговото мислење, постојат ограничувања во делот на заштитата на слободите и правата.
– Ние, во еден аспект, имаме уназадување во поглед на заштитата на барањата за слободите и правата. Ова го велам затоа што во стариот Деловник постоеше можност да се поништат оспорените акти доколку утврдиме дека со нив се прекршени човековите слободи и права. Според мое мислење, на овој начин Судот е доведен до ситуација да носи само деклараторни одлуки во кои единствено ќе се утврди повредата и сè завршува тука. Ние немаме во нашето законодавство обврска редовните судови да ги третираат одлуките на Уставниот суд како нови докази во кои ќе се повторуваат постапките – изјави Костадиновски.
Табатадзе од Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја нагласи важноста на професионалноста и независноста на судиите за заштита на човековите права и владеење на правото.
– Судиите, преку своите одлуки, имаат значајна улога во унапредување на демократските процеси и заштита на основните права. Важно е граѓаните да имаат пристап до правдата и да се поттикнува дијалогот меѓу судските институции за подобро функционирање на системот – истакна Табатадзе.
Главните наоди од аналитичкиот извештај за сегашната нормативна состојба на новиот Акт, презентирани од сениор експертот ангажиран од ЕУ проектот, Маргарита Цаца Николовска, укажуваат на потребата од дополнително усогласување со меѓународните стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Актот ги наведува можните интервенции во правата и слободите, но не предвидува дека пасивноста или неактивноста на одредени органи може да се смета за мешање во правата, што е во спротивност со праксата на ЕСЧП. Исто така, се нагласува потребата од јасно определување на правното дејство на одлуките на Уставниот суд и нивното признавање како основ за повторување на постапките пред редовните судови.
Судијата на Уставниот суд, Фатмир Скендер, посочи дека е потребно дополнување на одредени закони за целосна имплементација на одлуките на Судот.
– Вака како што се поставени работите, јас имам дилема дали Уставниот суд треба да донесе одлука за укинување или поништување на актите со кои е сторена повредата на човековите слободи и права. Сметам дека е потребно во системските закони да се направи дополнување со кое ќе се земат предвид одлуките на Судот, во насока тие да бидат основ за повторување на постапката. Лично сметам дека Уставниот суд не треба да поништува судски одлуки при утврдување на повредите на слободите и правата на граѓаните – вели Скендер.
Проф. д-р Осман Кадриу нагласи дека прашањето за заштита на човековите права пред Уставниот суд е комплексно и важно е да се разгледаат сегашната регулатива и праксата (de lege lata) и идните уредувања (de lege ferenda). Тој предложи воведување на уставна тужба како средство за заштита на човековите права и проширување на листата на слободи и права кои се заштитуваат.
– Важно е да се разгледаат два аспекта. Прво, сегашната регулатива и практиката на Уставниот суд – тоа што се нарекува de lege lata, и второ, како ова прашање треба да се уреди de lege ferenda. Веднаш треба да се пристапи кон отворање на Уставот, со цел воведување на уставни новини за уредување на уставното судство. Потребно е да се предвиди обврска за Законодавниот дом да донесе закон за Уставниот суд и да се воведе уставна тужба (или уставна жалба) како важно средство за заштита на човековите права. Најсоодветно решение би било да се обезбеди уставносудска заштита за сите основни слободи и права што ги утврдува и гарантира Уставот, како и поширока листа на слободи и права – лични, политички, економски, социјални, образовни и културни – изјави судијата Кадриу.
Советничката Татјана Јањиќ-Тодорова укажа на значењето на принципот на супсидијарност, односно потребата барањата за заштита на слободите и правата да минуваат низ редовните судови пред да се поднесат до Уставниот суд, со исклучоци во итни случаи.
– Потребно е да се спречи поднесување на барања директно до Уставниот суд пред исцрпување на другите правни средства, бидејќи тоа го слабее принципот на супсидијарност на уставно-судската заштита и го става Судот во невообичаена ситуација да постапува како суд од прв степен. За да се избегнат ваквите ситуации, потребно е Уставниот суд да внимава и да инсистира на исцрпување на правните лекови пред редовните судови, а исклучоци да се дозволат само во итни случаи кога се загрозени животот и здравјето на лицето и кога исцрпувањето на другите средства би предизвикало ненадоместлива штета – посочи Јањиќ-Тодорова.
Проф. Јетон Шасивари истакна дека уставната жалба и контролата на судските акти се клучни за заштита на човековите права, и дека уставната контрола е легитимна и дополнителна форма на заштита, која треба да се практикува без саморестрикција од страна на Судот.
– Кога се зборува за уставната жалба, во уставната теорија и пракса, најконтроверзно е прашањето дали Уставниот суд има право да поништи судски акт ако утврди кршење на човекови права за чијашто уставно-правна заштита е надлежен. Сметам дека оваа дилема е непотребна, затоа што задолжителноста на судските акти е сепак потчинета на уставно загарантираните човекови права односно судската независност никако не значи и судење преку кршење на човековите права при што Уставниот суд има уставна функција на контрола и на судските акти и нивно поништување ако со нив е повредено одредено човеково право за чија што заштита е надлежен. И тука не се работи за некаков напнат дуел или ривалитет помеѓу Уставниот суд и редовното судство на чело со Врховниот суд, туку за дуо и единствено взаемно постапување поставено во нашиот Устав при што уставната контрола на судските акти без да се навлезе во нивниот меритум, е сосема легална и легитимна од уставен аспект, бидејќи уставната контрола е дополнителен, посебен и највисок облик на заштита на човековите права. За нашите прилики, за оваа прашање сметам дека, пресудна ќе биде праксата на Уставниот суд која никако не смее да се самоограничи или да биде резервирана како што тоа е направено со сегашниот Акт на судот, бидејќи е омекната уставната моќ на Уставниот суд, а од другата страна, потребен е и заемен институционален дијалог и разбирање и почести работни состаноци помеѓу уставните и врховните судии кои би довеле до конкретни позитивни резултати во блиска иднина – истакна Шасивари.
Настанот, как што се велат од Уставен, беше организиран во рамки на ЕУ проектот ИПА 3 и има за цел да придонесе кон зајакнување на кадровските и управувачките капацитети на Уставниот суд, подобрување на законодавните и нормативни компетенции, унапредување на заштитата на основните права, зголемена транспарентност и подобрено управување со работата на Судот, со што се придонесува кон подобрен квалитет на уставната правда.

































