Фото: „Нова Македонија“

Планот за раст и Реформската агенда не се само услов за интеграција, тие се инструмент за оздравување на нашата држава. Реформите не се само за исполнување на барањата на ЕК, туку и за секој граѓанин што сака подобра едукација, ефикасна администрација, чист воздух, фер правда и вреден труд.  Агендата нуди рамка за градење на пофер, позелено и понапредно општетсво, но за таа да биде успешна, мора реформите да бидат ефективни, инклузивни и транспарентни.

Ова беше порачано на отворањето на Тркалезаната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето воведно обраќање, порача дека секој народ има моменти кога мора да избере дали ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени и дека државата е токму во еден таков момент – на крстосница меѓу стариот систем и новата европска иднина.

– Планот за раст и Реформската агенда не е се само услов за интеграција. Тие се инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење – изјави Мицкоски.

Корупцијата, посочи Мицкоски, е системски проблем и систем кој се штити сам себе, а ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем.

– Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека токму реформите во правосудниот сектор се најитни и без нив, сите други реформи се безвредни.

Правдата е највисока европска вредност и нашата одговорност, нагласи Мицкоски, како политичари, е да создадеме услови за целосна деполитизација на судството, заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци, но и поинакви механизми за надворешен надзор и отчетност.

– Вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата – порача тој.

Историјата, рече Мицкоски, нема да не суди по тоа што сме го кажале, туку по тоа што сме го направиле.

– Не ни треба нас дополнителни стратегии, ветувања. Ни треба искреност, доследност и спроведување. Ни треба нов однос кон правдата, кон правото, кон државата – рече Мицкоски.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во воведното обраќање, порача реформите 2024-27 се дел од една поголема слика и не се само за исполнување на барањата на ЕК, туку и за секој граѓанин што сака подобра едукација, ефикасна администрација, чист воздух, фер правда и вреден труд.

Реформската агендата, нагласи Муртезани, ги опфаќа најважните приоритети, како што се владеење на правото, дигиталната трансформација, зелената транзиција, човечкиот капитал и доброто управување.

– Почнавме со конкретни чекори. Нови закони за буџетска транспарентност, имплементација на систем за внатрешна контрола, оперативни планови за енергетската транзаиција, реформирање на стручното средно образование… Сето тоа, не е наменето само за бројки во извештаи, туку да обезбеди подобро утре за младите – изјави Муртезани.

Иднината не се случува, таа се гради, порача Муртезани, нагласувајќи дека преку воспоставувањето нови законски рамки за Јавното обвинителство и Судскиот совет, преку воспоставување регионални центри за стручното образование, преку креирање на модели за иновативна и зелена економија, ние не градиме европеизација на хартија, туку развој што се мери преку доверба, инклузивност и оджливост.

– Иднината не е прашање на одложени одлуки, туку на времени и одговорни чекори. Таа се обликува денес преку продлабочено разбирање и заедничка волја и не само од страна на Владата, туку и секој што верува дека Северна Македонија има капацитет и право на успех – порача Муртезани.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, нагласи дека реформската агенда нуди рамка за градење на пофер, позелено и понапредно општетсво, но за таа да биде успешна, мора реформите да бидат ефективни, инклузивни и транспарентни.

– Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во ЕУ. Заедно со Швајцарија се стремиме да ги зајакнеме демократските институции, да поттикнеме владеење на правото и да го унапредиме доброто владеење – изјави Ларсон Џаин.

Слободата на медиумите, вклученоста на граѓанското општество и на младите, според Ларсон Џаин, се суштинските камен темелници на демократски и одржлив развој и претставуваат вредности кои се суштинси дел од нашата поддршка.

– Медиумите, граѓанските и младински организации се двигателите на промената. Вашата активна вклученост е клучот за формирање на значајните обиди за реформа. Граѓанските организации и медиумите играат особено клучна улога во промовирање на демократските реформи и поттикнување на транспарентноста – изјави Ларсон Џаин.

На Тркалезната маса за предизвиците и придобивките од Планот за раст за Западен Балкан што се одржува во Владата, учествуваат и поранешниот главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската унија, Владимир Дробњак и професорот и истражувач, експерт на УНОПС, Александар Стојков.

Дробњак, на затворениот дел од тркалезната маза ќе зборува на тема „Планот за раст за Западен Балкан – катализатор за реформите и процесите на интеграција во ЕУ“, додека Стојков, како што е најавено ќе направи преглед на реформската агенда – Предизвици и можности за Западен Балкан.

Тркалезна маса се одржува во организација на Министерството за европски прашања, во соработка со проектот „Поддршка на Европската интеграција на Северна Македонија“, финансиран од Шведска, Швајцарија и Министерството за Европски прашања и спроведуван од УНОПС.